Македонските извозни компании во ноември 2024 година продале стоки на странските пазари во вредност од 652 милиони евра, што претставува пад од 9,2% во споредба со извозот во истиот месец претходната, 2023 година.

Обемот на извезените стоки, пак, во ноември 2024 година е намален за 1,2% во споредба со истиот месец 2023 година, што укажува дека падот на извозот во голем дел се должи на намалените цени.
Во периодот јануари-ноември 2024 година, од земјава биле извезени стоки вредни 7,2 милијарди евра, што е за 5,8% помалку во споредба со истиот период лани.

Податоците покажуваат дека има пад и на страната на увозот. Во ноември годинава биле увезени стоки вредни 863 милиони евра, што е намалување за 2,1% во споредба со вредноста на увозот во ноември 2023 година. За периодот од јануари до ноември 2024 година, увезени биле стоки во вредност од 10,1 милијарда евра, што е мал пад од 0,6% во споредба со истиот период од 2023 година.

Трговскиот дефицит во периодот јануари-ноември 2024 година достигнал вредност од 2,9 милијарди евра, што е зголемување за 15% во споредба со истиот период од 2023 година. Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари-ноември 2024 година, изнесува 71,4%, додека во ноември 69,7%.

Намалувањето на извозот во Германија продолжува и во ноември, што го влече целиот извоз на државата надолу со оглед дека дури 40% од целиот извоз е насочен кон Германија, која се соочува со економско забавување и рецесија. Според податоците на Државниот завод за статистика, во ноември 2024 година, во Германија биле извезени стоки во вредност од 236 милиони евра, што е намалување за 19,6% во споредба со ноември 2023 година, кога извозот изнесувал 293 милиони евра.

За периодот јануари-ноември 2024 година, вредноста на извозот во Германија изнесувала 2,9 милијарди евра, што е за 14% или за речиси 500 милиони евра помалку во споредба со извозот во истиот период од претходната, 2023 година.

Извозот во ЕУ во истиот период изнесувал 5,5 милијарди евра, што претставува пад од 7,5%, додека во земјите од Западен Балкан биле извезени производи во вредност од над 1 милијарда евра, што претставува раст од 6,2% на годишно ниво.

Трговската размена по производи покажува дека најголемо учество во извозот имаат машините и транспортните уреди со 2,1 милијарди евра, што бележи раст од 5,8%, додека извозот на хемиски производи изнесувал 2 милијарди евра и бил помал за 19,1% во споредба со истиот период од 2023 година.