Индија одлучи да ја ограничи продажбата на шеќер на меѓународните пазари, само неколку дена откако го забрани извозот на пченица.
Во соопштението објавено во средата, индиската влада рече дека ќе го ограничи извозот на шеќер на 10 милиони тони за сезоната што ќе трае до септември за да ги задржи цените на домашниот пазар под контрола. Од продавачите, исто така, беше побарано да побараат „конкретна дозвола“ од властите за каков било извоз на шеќер помеѓу 1 јуни и 31 октомври.
Индија е најголемиот светски производител на шеќер и втор најголем извозник зад Бразил. Владата на Нарендра Моди рече дека треба да преземе акција за одржување на резервите на шеќер во земјата по „невидениот раст на извозот“ минатата година и во тековната сезона.
Потегот за ограничување на извозот доаѓа во време кога годишната инфлација на мало во третата по големина азиска економија достигна 7,8% во април, што е највисоко ниво во речиси осум години.
Овој потег е уште еден сигнал за зголемениот протекционизам на храната низ целиот свет, бидејќи главните производители го ограничуваат извозот на земјоделски производи, влошувајќи го со тоа шокот во снабдувањето предизвикан од руската инвазија на Украина во февруари.
Во тековната година, која трае од октомври 2021 до септември 2022 година, индиските мелници за шеќер досега имаат потпишано договори за извоз од околу 9 милиони тони. Во претходниот 12-месечен период, земјата извезла 7 милиони тони шеќер во странство, што беше највисока количина во последните години, според податоците на владата.
Фјучерсите за бел шеќер во средата во Лондон се тргуваа за 1% поскапи, по 556,50 долари за метрички тон. Тие се зголемија за 13% од почетокот на јануари и се за околу 26% повисоки од ова време минатата година.
Руската инвазија на Украина придонесе за историски шок на пазарите на суровини што ќе ги одржи високите глобалните цени до крајот на 2024 година, објави Светската банка минатиот месец.
Цените на храната се очекува да пораснат за 22,9% оваа година, поттикнати од порастот на цените на пченицата за 40%.
Претходно оваа недела, Малезија го ограничи извозот на пилешко за нејзините соседи, велејќи дека „приоритет на владата е сопствениот народ“.
Само неколку дена претходно, Индија го забрани извозот на пченица, бидејќи топлотните бранови го намалуваат производството и ги туркаат локалните цени на рекордно високо ниво. Земјата е втор најголем производител на пченица во светот по Кина, но не е главен извозник на оваа стока.
Сепак, минатата недела имаше добри вести. Индонезија соопшти дека ќе ја укине забраната за извоз на палмино масло, која беше воведена во април. Оваа земја од Југоисточна Азија е светски врвен производител на палмино масло, кој нашироко се користи како масло за јадење и во многу прехранбени производи.
Извор: Bloomberg