Компанијата КЕМЕТ Електроникс Македонија (КЕМЕТ, компанија на ЈАГЕО) вчера ја отвори новата производствена хала во земјава.

КЕМЕТ Електроникс Македонија (КЕМЕТ, компанија на ЈАГЕО) 12 години работи на производство на електронски компоненти во земјава. Лоцирана е во ТИРЗ Скопје 1. Од минатата година компанијата почна со изградба на нов објект заради проширување на производствените капацитети со што, како што најавија од компанијата ќе се отворат и дополнителни работни места. 

Проширувањето на капацитетите на постоечката фабрика „Кемет Електроникс“ во вредност од 10 милиони евра официјално беше најавено во април 2021 година, при што од компанијата информираа дека еден дел од парите ќе бидат вложени во Центар за истражување и развој за нови кондензатори, како и просторија за истражување и тестирање на нови материјали, со што бројот на вработени ќе достигне до 500 од сегашните околу 290 вработени.

Американската компанија Кемет Електроникс ја отвори својата прва фабрика во Македонија во 2012 година во која се произведува разна електроника за  многу светски познати компании како ХП, „Сименс“, „Филипс“, „Нокиа“, „Бош“, „Ериксон“, „Алкател“, „Моторола“ и многу други.

Кемет Електроникс Македонија е меѓу најголемите 100 извозници во Македонија со извоз од близу 15 милиони евра.