Македонија бележи голем скок кај извозот во САД- во мај надмина 28 милиони долари, што е три и пол пати повеќе во споредба со истиот месец лани, кога извозот изнесувал 8,2 милиони долари.
Во истиот период, увозот од САД бил на речиси исто ниво како и лани – 17,6 милиони долари.
Во првите пет месеци од годинава, македонскиот извоз во САД достигна 106 милиони долари, тројно повеќе во однос на 32,3 милиони во истиот период од 2024 година.
Увозот од САД во периодот јануари -мај 2025 година изнесува 82,8 милиони долари, благо зголемување во однос на 79,8 милиони долари лани.
Најголемиот дел од извозот — над 75% — го сочинуваат автобусите произведени од ВДЛ Ван Хол. Следуваат суров тутун, електрична опрема, мебел и делови за моторни возила.
Анализата на ИзвозМК на извозот во САД по производи покажува дека најголемиот дел, во вредност од близу 77 милиони долари или над 75% од вкупниот извоз, се остварува преку продажбата на автобуси произведени во Македонија од страна на ВДЛ Ван Хол. TrВтор најизвезуван производ е суровиот тутун, со извоз во вредност од 7,2 милиони долари. Потоа следуваат: електрични машини и опрема (5,3 милиони долари), мебел (3 милиони долари), делови за моторни возила (2,6 милиони долари), преработки од зеленчук и овошје (1,8 милиони долари), производи од какао (1,4 милиони долари), кондиторски производи (900 илјади евра) и други.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави дека воведува царини од 35% на увозот на производи од Србија во САД, како и царини од 30% за производите што ќе се извезуваат од Босна о Херцеговина на американскиот пазар.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, вчера изјави дека верува оти Македонија ќе биде во групата земји што ќе имаат најповолни услови за извоз на американскиот пазар, и дека со САД се водат разговори за можни царински олеснувања.