Извозните компании од Македонија во март годиинава на странските пазари продале стоки вредни 700 милиони евра, што е намалување од 3,09% во однос на истиот период лани.

Увозот, пак, во истиот период се намалил за 5,5% и изнесувал 938 милиони евра, со што покриеноста на увозот со извоз изнесувала 74,5%.

Во периодот јануари март годинава на странските пазари биле продадени стоки вредни 1,93 милијарди евра, што е речиси на исто ниво како истиот период лани. Увозот за првите три месеци изнесувал 2,77 милијарди евра и бележи раст од 2,2%.

Во првите три месеци годинава најголем извоз е остварен од продажба на машини и транспортни уреди на странските пазари, од што се остварени приходи од 643 милиони евра, раст од 10,9% во споредба со истиот период лани. Втора најголема извозна ставка е извозот на хемиски производи во вредност од 500 милиони евра, кој е помал за -13,5% во однос на истиот период лани.

Извозот на храна во првите три месеци изнесувал 121 милион евра, што е за 4,3% повеќе во споредба со истиот период лани.

Германија и понатаму е најголем извозен пазар, каде во првите три месеци биле извезени стоки вредни 726 милиони евра, што е пад од 10,9% во однос на истиот период лани.
Но, извозот во Грманија во март бил вредносно помал за дури 18,6%, а количински за 37% во споредба со истиот месец лани, што упатува на тоа дека забавувањето на германската индустрија се уште силно го влече македонскиот извоз надолу.

Следат Бугарија со извоз од 115 милиони евра, Србија со извоз од 104 милиони евра, Унгарија со извоз од 89 милиони евра, Косово со извоз од 77 милиони евра, Чешка Република со извоз од 76 милиони евра, САД со извоз од 56 милиони евра, Грција со извоз од 55 милиони евра, Италија со извоз од 54,8 милиони евра и Словачка со извоз од 53,5 милиони евра.