Македонските пива тешко поминуваат преку граница, извезуваме пива за само 3,4 милиони долари

Македонските производители на пиво во текот на изминатата 2019 година извезле пиво во вредност од само 3,45 милиони долари. Извозот на пиво лани бележи раст од 1,9% во споредба со претходната 2018 година, но гледано наназад бележи континиран пад во изминатите неколку години.

Иако македонските пива имаат добра продажба на домашниот пазар, податоците покажуваат дека увозот на пива од странство се зголемува во последните неколку години. Така статистиката покажува дека лани сме увезле пиво во вредност од над 6,5 милиони долари, што е најголем увоз во последните седум години.
Ако се гледа регионално, Македонија е меѓу најмалите извозници на пиво. Србија е најголем извозник на пиво од земјите во регионот и 27-ми најголем извозник во светот, со извоз на пиво вреден 58 милиони долари минатата година.

Словенија, која има приближно иста територија и број на жители како и Македонија, лани извезла пиво во вредност од 42,7 милиони долари или дури 12 пати повеќе од Македонија, и е 33 најголем извозник во светот. Хрватска минатата година имала извоз на пиво во вредност од 35 милиони долари. Бугарија и Грција годишно извезуваат пиво во врендост од околу 23 милиони долари. Помалку од нас извезува Босна и Херцеговина, која минатата година имала извоз на пиво од само 2,1 милион долари.

На светско ниво најголем извозник на пиво е Мексико, од каде само минатата година се извезени пива во вредност од 4,1 милијарда долари. Втора е Холандија со извоз на пиво од 2 милијарди долари, следат Белгија со извоз од 1,96 милијарди долари, Германија со извоз вреден 1,3 милијарди долари и САД со извоз на пиво од 800 милиони долари.