Мермерниот комбинат од Прилеп објави дека во првите три месеци годинава работел со вкупни приходи од продажба од 1,47 милиони евра, што е пад од 66% во споредба со истиот период лани. Ако се има во предвид дека 99% од приходите на Комбинатот се од извоз, тогаш може да се заклучи дека првиот квартал годинава извозот на компанијата, кој е главниот извор на приходи е силно погоден и помал за цели 66%.
Објавениот биланс на успех на Македонската берза покажува дека како резултат на зголемените трошоци во првите три месеци годинава, нето добивката на компанијата е намалена за 85% во споредба со истиот период лани, и изнесувала 336 илјади евра.
“Намалувањето на продажбата, а особено извозот, се припишува на наметнатите забрани за влез на странци во државата. со што се оневозможи физичко присуство на купувачите за проверка и избор на производите. Намалувањето во приходите од извоз изнесува 2,3 милиони евра во првиот квартал во однос на истиот период од минатата година”, информираат од компанијата.
Од Мермерниот комбинат велат дека исто тала вопрвите три месеци имале и намелување на производството со оглед на намалената работна сила.
“Во текот на март, 21 од вкупно 265 вработени во производство во рудникот, беа отсутни согласно препораките од Владата”, велат од компанијата.
Од прилепскиот Мермерен комбинат велат дека во насока на намалување на последиците од намалената продажба, се воведоа алтернативни начини за презентирање на производите на купувачите и наместо физичко присуство на купувачите, биле воведени интернет алатки и технологија, како што се високо квалитетни фотографии, видеа и телеконференции.
Првиот квартал покажа дека глобалното делумно или целосно стопирање на фабриките и градилиштата доведе до застој на глобалната економија.
Со оглед на фактот што побарувачката на производи од мермер е директно поврзана со растот на економијата, менаџменот на Мермерен комбинат не може да ги процени изгледите за остатокот од годината, бидејќи тие ќе зависат од степенот на глобалната рецесија.
Мермерниот комбинат од Прилеп е меѓу најголемите 50 извозници од земјата и меѓу 100-те најголеми компании според приходите на продажба.
Во 2019 година компанијата имала извоз од 36 милиони евра и работела со профит од 20 милиони евра, според што е меѓу 10-те најпрофитабилни компании во земјата.
Во Мермерниот комбинат работат 378 лица, а доминантен сопственик е Stoneworks со седиште во Холандија.