Според анализите кои ги прави Асоцијацијата на странските компании со технолошки напредно производство, усогласувањето на царините за увоз на компоненти во земјава со европските царини, дел од компаниите кои се присутни во земјава би реализирале дополнителни инвестиции од над 250 милиони евра со најмалку 4 000 нови вработувања, вели Виктор Мизо, генерален директор на Костал Македонија, во колумна насловен Апсурдот на царинскиот протекционизам”, објавена во магазинот Економија и бизнис.

Прашањето за намалување на царинските стапки за увоз на одредени компоненти од трети земји во нашава земја се отвори во јавноста пред неполни 2 години, што коинцидираше со вжештената глобална дискусија за намалување на емисијата на штетни гасови и заштита на животната средина. За производителите на автомобили ова го означи почетокот на нова трка за електрификација на возилата, која кулминираше во актуелната глобална пандемиска криза.

“Автомобилскиот сектор учествува со над 50 % во македонскиот извоз, претежно насочен кон земјите членки на Европската Унија. Потребата за брза електрификација и преструктурирање на автоиндустријата ги насочи мултинационалните компании присутни во земјава да размислуваат за евентуални проекти поврзани со напредните технологии со висока додадена вредност на производите.
По долг период на разговори за оправданоста на намалувањето на царините, а по барање на Асоцијацијата на странските компании со технолошки напредно производство, поднесено директно до Владата во ноември 2019 година, Владата во декември донесе Одлука за времено намалување на царинските стапки за 12 од над околу 50 тарифни броеви. Притоа, иако Асоцијацијата бараше сведување на царините на ниво на европските, барањето беше само делумно уважено, намалување за 50 % во однос на важечките стапки, и наместо на трајна основа намалувањето беше со ограничен временски период на примена, за шест месеци, заклучно со 30.6.2020 година”, вели Мизо.
На 15 мај годинава Асоцијацијата доставила ново барање до надлежните институции во кое, меѓу другите прашања, се барало итно донесување нова одлука за целосно усогласување на царините за овие компоненти со истите компоненти во ЕУ.

“Со бирократски оправдувања насочени кон сериозни мултинационални компании се пропушти уште една шанса за подобро позиционирање на земјава во актуелниот глобален тренд на реалоцирање на доставувачите (Near shoring). Наместо времена мерка на 1 година или пак планирано и постепено намалување на царинските давачки, преку неколку последователни одлуки до сведување на европскотo ниво со што на среден рок би се балансирала транзицијата, т. е. загубата на буџетски прилив за државава од фирмите по основ на овие давачки, државава реши да ги задржи актуелните царински стапки. Во праксата на ЕУ, заради обезбедување непрекинат дотур на определени материјали за клучните индустрии каде што не постојат локални производители кои би се штителе со увозните давачки, се носат времени мерки за долги листи на производи на подолг период од 5 години за целосно укинување на царините (0 %). Од друга страна, кај нас се носат времени одлуки за намалување на царинските стапки иницирани по индивидуални барања на одредени компании чие работење има незначителен ефект за економијата во однос на тој што го имаат сериозните мултинационални компании, странски инвеститори во земјава”, објаснува Мизо.
Енормно високи се царините за увозот на компоненти за напредни производи што ја прави земјава неконкурентна како локација за инвестиции и ги прави неконкурентни ваквите производи во споредба со земјите членки на ЕУ или земјите од регионот, потенцира Мизо.
Доколку стапките во Македонија за овие 12 производи се од 8 % до 15 %, во земјите на ЕУ се движат од 0 % до 3,7 % На пример, за првиот од листата тарифни броеви, царинската стапка за увоз во ЕУ е 2,2 %, во Србија 8 %, а кај нас е 10 %. За другите тарифни броеви разликата е уште поголема.

Според Мизо, краткорочните и парцијални времени мерки и нивното непродолжување и унапредување се рефлектирало многу негативно на перцепцијата на мајките фирми за Македонија како потенцијална дестинација за производство на најсофистицирани производи во автомобилскиот сектор, во контекст на можно идно проширување на постоечките производствени капацитети.
“Во последниве 12 месеци, најмалку 3 компании во земјава ги откажаа своите нови проекти и проширувања поради високиот трошок за царините. Неприфаќањето на барањето за намалување на царинските стапки во периодот по 30.6.2020 година, заедно со кризата настаната од пандемијата, претставуваат дополнителен удар за компаниите. Извесно е забрзано одлевање на тековните и идни проекти (инвестиции, вработувања, извоз) во други земји како Тунис, Мароко, Србија, Бугарија, Унгарија или земјите од Централна Европа. Уште повеќе, компаниите со напредно производство ќе бидат принудени да работат како македонските текстилни шивални со лон производители и привремен увоз, што ќе значи ново намалување на државните приходи”, вели Мизо.

Целосната колумна можете да ја прочитате на следниот линк.