Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека Владата размислува зголемувањето на платите да биде врзано со растот на продуктивноста.
„Во делот на примањата, резонирањето и размислувањето во иднина ќе биде во делот на зголемување на продуктивноста, односно поврзување на продуктивноста со зголемување на личните доходи“, изјави Мицкоски, одговарајќи на прашања на новинарите по презентацијата на новопристигнатата опрема од САД во касарната во Штип.
Според Мицкоски, стандардот на граѓаните е во позитива бидејќи растот на платите е поголем од инфлацијата. Како што кажа, растот на платите е и до 13 отсто месечно, а инфлацијата во просек е 4 отсто.
„Ако ние имаме раст на платите од 11, 12, 13 % на месечно ниво, а инфлација условно кажано во просек од 4 проценти, тогаш нето имаме зголемување од 7%. Каква беше состојбата пред година и пол, две: тогаш имавме просечна инфлација од 15, 18, 20 % и раст на платите кој што беше под нивото на инфлација, што значи дека стандардот беше во негатива, односно во минус, за разлика од сега кој е во позитива“, рече премиерот Мицкоски
Тој додаде дека ваквиот пристап може за нив како владејачка коалиција да има и политички последици.
„Сигурно некој ќе има кои што ќе бидат незадоволни. Но, подобро да ги имаме тие политички последици сега, отколку граѓаните на долг рок да чувствуваат ваков тип на, би рекол, неконтролирана инфлација“, рече Мицкоски, додавајќи дека во јули годинава, инфлацијата во нашата држава, која достигна 4,8% на годишно ниво, била во рамките на просекот на земјите во регионот, од Унгарија, Словенија, се до Грција, каде што исто така таа беше меѓу 4 % и 5%.
Зборувајќи за мерките кои што се преземаат за да се сузбие инфлацијата, премиерот рече дека се што го прави Владата е во насока да се олесни животот на граѓаните и да помогне во подобрување на стандардот.
„Последните состаноци на темата инфлација кои што ги имавме со експерти се во насока дека главен поттикнувач на сево ова се услугите. Анализиравме во проценти, во одредени сектори тие се зголемени за повеќе од 20%“, рече Мицкоски, додавајќи дека тука Владата нема голем маневарски простор да интервенира.