Војната во Украина силно ќе влијае на економскиот раст во еврозоната, се вели во најновиот Извештај на ММФ, бидејќи конфликтот предизвикува хаос врз цените на енергијата и производниот сектор.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) ја ревидираше својата прогноза за раст на еврозоната за 2022 година на 2,8% од 3,9 % во јануарската проценка, при што најголемата економија во регионот, Германија, трпи најтежок удар.
„Главниот канал преку кој војната во Украина и санкциите кон Русија влијаат врз економијата на еврозоната е зголемувањето на глобалните цени на енергијата и енергетската безбедност“, се вели во извештајот на ММФ за Светската економска перспектива.
Војната им наштети на некои земји како Италија и Германија повеќе од другите европски нации бидејќи тие имаа „релативно големи производствени сектори и поголема зависност од увозот на енергија од Русија“, рече ММФ.
Германската економија сега се очекува да порасне за 2,1% оваа година, што е помалку од претходната прогноза од 3,8%. Италија исто така ќе падне, со раст од 2,3% во однос на претходната прогноза од 3,8%.
По инвазијата на Москва во февруари, Западот, вклучително и земјите од еврозоната, воведоа санкции врз рускиот финансиски систем, воздухопловниот сектор и другите главни делови од економијата.
Речиси два месеци подоцна, цените продолжуваат да растат. Нафтата останува над 100 долари за барел по достигнувањето историски максимум во март, додека цената на гасот, пченицата, алуминиумот, никелот и другите суровини пораснаа.
Како резултат на тоа, инфлацијата на потрошувачките цени во еврозоната се искачи на 7,5%, што е највисоко ниво на сите времиња.
Пјер-Оливие Гуриншас, главниот економист на ММФ, вели дека најновата прогноза предвидува забавување, но не и рецесија во еврозоната.
Главниот ризик за перспективите е ескалација на санкциите, особено ембаргото на рускиот гас, што би предизвикало „прилично сериозно“ забавување на краток рок во земји како Германија кои најмногу зависат од тој увоз, рече Гуринчас.
Како резултат на тоа, „ќе имаме прилично значајна надолна ревизија на економските прогнози за еврозоната“.