Според оценката на раководителите на деловните субјекти, индикаторот на доверба во преработувачката индустрија во мај 2022 година изнесува 13.4 и е намален за 1.4 процентни поени во однос на мај минатата година. Во однос на претходниот месец април, индикаторот на доверба е зголемен за 0.2 процентни поенти.

Најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат следните фактори: недостигот на квалификувана работна сила со 20.1%, недоволната странска побарувачка со 17.9 %, неизвесното економско опкружување со 14.2 % и недоволната домашна побарувачка со 12.2%.

Во изминатиот период, раководителите на деловните субјекти како фактор со најголемо ограничувачко влијание ја посочуваа недоволната странска побарувачка, но по завршувањето на пандемијата, повторно најгорлив проблем станува недостигот на работна сила, што беше случај и во периодот пред пандемијата.

Така на пример во мај 2021 година анкетата покажала дека најголемо влијание врз ограничувањето на обемот на производството имаат недоволната странска побарувачка со 20.5 %, неизвесното економско опкружување со 16.3%, недостигот на квалификувана работна сила со 15.6 % и недоволната домашна побарувачка со 14.4%.

Оценката за економската состојба на деловните субјекти во мај 2022 година е понеповолна во однос на претходниот месец, а понеповолна и во однос на мај 2021 година. Се очекува бројот на вработените да се намали.

Состојбата на обезбеденоста на производството со порачки во мај 2022, во однос на април 2022 година е поповолна, очекувањата за обемот на производството во наредните три месеци се поповолни во однос на претходниот месец, а залихите на готовите производи се зголемени.

Просечното искористување на капацитетите на деловните субјекти во мај 2022 година изнесува 65.4 % од нормалното искористување, што е далеку пониско во однос на мај 2021 година кога просечната искористеност на капацитетите изнесувала 71,3%.

Во преработувачката индустрија се создава 81,5% од вкупното индустриско производство во државата и се вработени над 133 илјади лица.