Заработката на „Volkswagen“ во првиот квартал беше далеку под пазарните очекувања, паѓајќи за околу 40%. Причините за падот на оперативниот профит на најголемиот европски производител на автомобили се лоцираат во трошоците за казни за неисполнување на целите на ЕУ за емисии на јаглерод диоксид и за последиците од американските царини.
Акциите на „Volkswagen“ пораснаа за 8,2%, бидејќи олеснувањето се прошири на пазарите по веста на американската администрација за 90-дневна пауза на царините наметнати помалку од 24 часа претходно за десетици земји. Но, царината од 25% за увоз на автомобили останува на сила, а „Volkswagen“ е силно погоден од оваа мерка.
По лобирањето од автомобилскиот сектор, Европската комисија предложи олабавување на правилата што поголемиот дел од индустријата веројатно ќе ги прекрши оваа година, што ќе доведе до милијарди евра казни.
Предлогот, кој би им дал на „Volkswagen“ и на остатокот од индустријата повеќе време да ја зголемат продажбата на електрични возила со ниски емисии, сè уште не е одобрен од Европскиот парламент.
Како резултат на тоа, Volkswagen вклучи резерва од 600 милиони евра (658 милиони долари) за потенцијални казни во резултатите од првиот квартал, како и 200 милиони евра за реструктуирање на својата софтверска единица Кариад, која е во процес на отпуштања.
Тоа го намали оперативниот принос од продажба на околу 3,6%, во споредба со 6% минатата година.
Најголемиот дел од продажбата на брендот Volkswagen во САД е од автомобили произведени во Мексико, а неговите брендови Ауди и Порше немаат производствена база во САД.
Компанијата ги потврди своите прогнози за целата година за раст на продажбата до 5% и оперативен принос од продажбата помеѓу 5,5% и 5,6%, но во својата изјава за резултатите посочи дека овие прогнози го исклучуваат можното влијание на царините бидејќи е премногу рано да се процени нивното влијание.