Полската влада сака да биде известена за секое планирано преземање на компании од страна на инвеститори надвор од Европската унија, кои можеби ќе се обидат евтино да купуваат бизниси погодени од коронавирусот, соопшти полската вицепремиерка Јадвига Емилевич.
Владата објави план за спасување на економијата вреден 78,4 милијарди долари со цел да и помогне на полската економија полесно да ја преживее и надмине пандемијата на Ковид 19 и кризата што произлезе од неа.
Еден од најновите предлози во пакетот за помош и е законска заштита на домашните фирми од преземање.
Вицепремиерот Емилевич изјави дека многу семејни бизниси во Полска станале ефтини цели за приватни фондови бидејќи нивната вредност се намалила како резултат на кризата од коронавирусот, без притоа да имену конкретни фондови или земји на нивно потекло.
„Полските компании се соочуваат со сложена финансиска ситуација и има огромен интерес за нив од компании или фондови кои потекнуваат надвор од Европската унија. Ние не сакаме компаниите да станат туѓа сопственост и имот“, изјави Емилевич, потенцирајќи дека за сите такви преземања ќе мора да биде прво известена антимонополската камисија.
Индустриите што полската влада сака да ги заштити од несаканите преземања вклучуваат енергетика, лекови и фармација, прехранбена индустрија, транспорт, логистика, обработка на податоци и телекомуникации.
Овој предлог на Полска е сличен со мерките кои периодов ги преземаа и други земји во ЕУ и светот.
На почетокот на април и германската влада ги заостри правилата за преземање со цел заштита на домашните фирми од несакани преземања од инвеститори од земји надвор од Европската унија.
Овие законски измени доаѓаат во време кога Европа ги преиспитува односите со Кина, во услови на зголемени инвестиции во клучни и важни сектори од страна на државни кинески компании.