На два дена пред стапување на сила на новите царини кои американскиот претседател Доналд Трмап ги најави, а со кој е опфатена и Македонија, премиерот Христијан Мицкоски очекува наскоро ваква одлука да биде корегирана.
Според премиерот Христијан Мицкоски, одлуката на САД за воведување висока царинска стапка за увозот на македонски производи и услуги е резултат на „некаква грешка“.

Премиерот посочува на македонската статистика, според која во трговската размена со САД во 2024 година, Македонија е во негатива, односно има остварено дефицит. Државите што имаат дефицит практично немаат ваков вид на зголемување на давачките.

Ние работиме со нашите партнери САД и очекувам многу скоро да се коригира ова што очигледно е резултат на некаква грешка или на погрешни информации. Сега се споредуваат податоците. Во контакт сме и со Амбасадата, и со Министерството за економија, и со Кабинетот на претседателот Трамп. Тоа беше дел од разговорите што ги имаа во Брисел министерот Муцунски и државниот секретар Рубио. Така што во периодот што следи очекувам да се реши оваа состојба“, истакна премиерот Мицкоски.

Детали за тоа што се разговарало на средбата во Брисел засега нема.
„Процесот е сензитивен и затоа нема да откриваме ништо во јавноста додека не се заврши договорот. Пристапот е таков: додека сè не се заврши, немаме ништо. Кога сè ќе биде завршено, тогаш ќе излеземе во јавноста со детални информации…. “, изјави Мицкоски.

Според премиерот, секундарните ефекти од американските царини би биле многу поголеми од директните, односно доколку земјите од ЕУ не успеат да го надминат спорот со САД.

„Тогаш ефектите би биле многу поголеми отколку сега примарните ефекти кои што ние ги имаме директно на билатерално ниво со САД“, рече Мицкоски.

Реципрочните царини од 33% кои ги наметна САД за Македонија стапуваат на сила за два дена, односно на 9 април.

Што најмногу извезува Македонија во САД?

Трговската размена помеѓу Македонија и САД земји е релативно мала и во изминатата 2024 година изнесуваше нешто над 314 милиони долари, намалување од 2,1% во споредба со претходната година, односно намалување од 12,6% во споредба со 2019 година, пред пандемијата со Ковид 19. Македонскиот извоз во САД во 2024 година изнесувал 118 милиони долари, раст од 120% во однос на 2023  година.

Во минатата 2024 година најизвезуван производ во САД биле автобуси, во вредност од 45,2 милиони долари. Станува збор за извоз на автобуси кои се произведени од страна на Ван Хол, кој беше преземен од холандски VDL.
Втора најизвезувана група на производи се мадраци, од чија продажба се остварени 14 милиони долари. Трета најизвезувана група на производи се електрични машини и опрема со извоз вреден 14,5 милиони долари.

Следат суровиот тутунот од чиј извоз лани се остварени приходи од 9,95 милиони долари, преработките од зеленчук и овошје со извоз од 4,5 милиони долари (најголем дел отпаѓа на ајварот), потоа следуваат чоколади и други производи од какао со извоз од 4 милиони долари, нуклеарни реактори, котли, машини и механички уреди во вредност од 3,6 милиони долари, разни производи за изхрана во вредност од близу 1,8 милиони долари, пијалоци во вредност од 1,65 милиони долари и пластични маси и производи од пластични маси во вредност од 1,3 милиони долари.

Вкупниот извоз на храна во САД во 2024 година изнесувал 13,5 милиони долари.