Последните пет месеци годинава македонската економија е соочена со огромни загуби предизвикани од кризата со корона вирус. Има огромен пад во производството воиндустријата, намалување на трговијата на домашниот пазар и пад на извозот и продажбите на странските пазари.
За неколку дена Државниот завод за статистика треба да го објави податокот за БДП во вториот квартал, кој очекувано ќе го покаже големиот пад во економијата. ППрвиот квартал годинава исто така беше слаб, со само 0,4% раст на економијата.
Иако владата донесе неколку пакет мерки за поддршка на најпогодените сектори и зачувување на работните места, реалноста покажува дека ќе биде неопходен нов пакет мерки и таргетирано насочена поддршка кон најпогодените индустрии, но и отстранување на големите пречки за водење бизнис, со оглед дека штетите предизвикани од пандемијата се многу поголеми.
Неодамнешната анкета за очекувањата во преработувачката индустрија која ја објави Државниот завод за статистика покажа дека компаниите очекуваат бројот на вработени да се намали, а како фактори кои имаат најголемо влијание врз ограничување во производството ги наведоа недоволната побарувачка од странство, недоволната квалификувана рака и неизвесното економско опкружување.
Бизнис заедницата вели дека најлошото допрва доаѓа, со оглед дека многу компании се соочуваат со неликвидност, со намалени продажби, откажани нарачки од странство…
Фокусот на новиот пакет мерки мора да биде на санирање на штетите, но исто така мора да се фокусира на рестарт на економијата, односно овозможување на услови за заживување на економијата и повисок економски раст.
Индустриското производство паѓа петти месец по ред
Индустриското производство во јули годинава бележи пад од 9,5% во споредба со јули минатата година. Тоа е петти месец по ред годинава како паѓа производството во индустријата.
Најголем пад производството во индустријата имаше во април од дури 33,5%, месецот кога многу фабрики мораше да ги затворат фабриките заради пандемијата со корона вирусот. Во мај исто така имаше голем пад од 27%, додека во јуни падот беше 15%.
Иако некои индустрии покажуваат опоравување во јули, повеќето се уште имаат помало производство.
Така, податоците покажуваат дека во периодот јануари-јули годинава индустриското производтво е помало за 13,8% во споредба со истиот период лани.
Индустриското производство во преработувачката индустрија (која учествува со 76,5% во вкупното индустриското производство) во јули е помало за 6,5% во споредба со истиот месец лани. Во јули само осум индустрии од преработувачката индустрија имале раст на производството, додека останатите 15 имаат помало производство. Во првите седум месеци годинава индустриското производство во преработувачката индустрија е помало за 14,7%.
Податоците за јули покажуваат дека секторите во кои доминантно работат странските инвеститори имаат поголем пад на производството, додека некои од секторите каде работат доминантно домашни извозно ориентирани компании во јули имале раст на производството.
Така на пример, индустриското производство на фармацевтски производи (кое учествува со 2,91% во инд.призводство) во јули било поголемо за 17,3% во споредба со јули минатата година.
Производството на прехранбени производи во јули било поголемо за 11,9%. Производството на тутунски производи во јули има раст од 10,6%. Раст од 24,3% има и кај производството на компјутерски и електронски производи, за 20,8% е поголемо производството на хемиски производи во јули, раст од 5,2% има и производството на метали, производството на пластични маси има раст од 3,8%.
Од друга страна, најголем пад на производството во јули од дури 47,8% имало во кожарската индустрија. Производството на мебел има пад од 24,5%, производството на моторни возила со пад на производството од 21,1%.
Производството на машини и уреди има пад од 17,5%, додека за првите шест месеци падот во оваа индустрија, во која работат главно странските инвеститори, изнесува високи 38%. Производството на електрична опрема во јули бележи раст од 1,1 во споредба со јули минатата година, но падот во првите седум месеци е 26,2%.
Во секторот Рударство и вадење руди има голем пад на производството од 36,1% во јули, додека во првите седум месеци производството е помало за 10,1% во споредба со лани.
Во секторот Снабдување со електрична енергија и гас, производството во јули бележи пад од 2,6%, додека во првите седум месеци падот е 11,8%.
Се намалува бројот на вработени во индустријата
Статистиката покажува дека намаленото производство во индустријата било следено и со намалување на бројот на работници.
Во јули годинава бројот на работниците е помал за 6,3% во однос на јули минатата година. Најголемо намалување на вработените има во најпогодената преработувачка индустрија, каде во јули бројот на работници бил помал за 6,9%, при што најголемо намалување на бројот на работници има во тутунската индустрија, кожарската индустрија и во индустријата за производство на моторни возила. Најголемо зголемување на бројот на работници има во фармацевтската индустрија од 9,8% и производство на пластилни маси од 3,8%, во споредба со јули минатата година.