Бројот на трговските ограничувања за размена на стоки, услуги и инвестиции минатата година се зголемил за 14% во однос на претходната година, надминувајќи ја бројката од 2.600 бариери, покажуваат податоците на Global Trade Alert анализирани од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).
За време на пандемијата, многу земји го ограничија извозот на стоки како што се вакцини и прехранбени производи.
Во поново време, војната во Украина и конкуренцијата меѓу САД и нивните сојузници со Кина поттикнаа дополнителен протекционизам.
„Трговските ограничувања, како што се царините и забраните за извоз, исто така се проширија, вклучувајќи суровини и полупроводници, кои често се сметаат за клучни за националната безбедност“, се вели во анализата.
Експертите се загрижени за „гео-економската фрагментација“ доколку светот се подели на два меѓусебно ексклузивни трговски блока – едниот поврзан со САД и ЕУ, а другиот со Кина и Русија.
Во неодамнешниот напис за Финансии и развој (F&D), економистите на ММФ процениле дека ова хипотетичко сценарио на „геоекономска фрагментација“ ќе доведе до трајна загуба од 2,3% од глобалниот БДП.
„Најголемата загриженост од ризикот од фрагментација на глобалната трговија е понатамошната ескалација на сегашните тензии до степен до кој земјите би можеле да почнат да формираат блокови кои ќе престанат да тргуваат со други земји и ќе ги принудат третите страни да изберат“, предупредуваат економистите на ММФ.
Според ова сценарио, земјите со низок национален доход би изгубиле најмногу, кои трајно ќе губат повеќе од четири отсто од БДП.
Економистите на ММФ велат дека земјите со низок БДП и земјите во развој би биле „во вкрстен оган“, и без пристап до клучните увозни и извозни пазари.