Русија денеска го обновуи снабдувањето со гас преку главниот гасовод до Европа, Северен Тек 1, соопшти операторот на гасоводот, објавува Reuters.
Снабдувањето продолжи по десетдневниот прекин заради ремонт и покрај загриженоста дека Москва ќе го искористи својот извоз на енергија за да возврати на притисокот на Западот поради инвазијата на Украина.

Обновувањето на гасоводот Северен тек 1 со намален капацитет по 10-дневната пауза за одржување доаѓа по коментарите на рускиот министер за надворешни работи дека целите на Кремљ се прошириле за време на петмесечната војна.
Сергеј Лавров за државната новинска агенција РИА Новости во средата изјави дека руските воени „задачи“ во Украина сега го надминуваат источниот регион Донбас.

Лавров, исто така, рече дека целите на Москва дополнително ќе се прошират доколку Западот продолжи да го снабдува Киев со оружје со долг дострел, како што се артилериските ракетни системиод САД .

„Тоа значи дека географските задачи ќе се протегаат уште подалеку од сегашната линија“, рече тој, додавајќи дека мировните разговори немаат смисла во моментов.

Загриженоста дека руските испораки на гас што се испраќаат преку најголемиот гасовод во Европа може да бидат запрени од Москва, ја поттикнаа Европската унија да им даде насоки на земјите-членки да ја намалат употребата на гас за 15% до март како итен чекор.

“Русија не уценува. Русија ја користи енергијата како оружје“, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, опишувајќи го целосното прекинување на протокот на рускиот гас како „веројатно сценарио“ за кое „Европа треба да биде подготвена“.

Путин претходно предупреди дека испораките на гас преку Северен тек се изложени на ризик од дополнително намалување.

Русија, најголемиот светски извозник на гас, ги отфрли обвинувањата на Западот дека ги користи нејзините енергетски резерви за уцени, посочувајќи дека е сигурен снабдувач на енергија.

САД, кои во вторникот изјавија дека гледаат знаци дека Русија се подготвува за формално анексија на територијата што ја зазеде во Украина, ветија дека ќе се спротивстават на анексијата.

„Повторно, ние бевме јасни дека анексијата со сила ќе биде грубо кршење на Повелбата на ОН и нема да дозволиме таа да остане неоспорена. Нема да дозволиме да остане неказнето“, рече портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс.

Русија го анектира Крим од Украина во 2014 година и ги поддржува рускојазичните отцепени ентитети – Народните републики Доњецк и Луганск (ДПР и ЛПР) – во тие провинции, заедно познати како Донбас.