Руската агенција за ветеринарен и фитосанитарен надзор Росселхознадзор објави дека од 1 декември се воведува привременa забрана за испорака и извоз на сите растителни производи од Македонија во Русија во врска со откривањето на кафеава мермерна бубачка во јаболката од земјава.
„Од 1 декември 2022 година, Роселхознадзор забранува увоз во Русија на растителни производи од Република Македонија и производи со потекло од оваа земја, но увезени под фитосанитарни сертификати од други држави. Мерките беа преземено поради идентификација на исклучително опасен, за Русија и земјите членки на Евроазиската економска унија инскет – кафеава мермерна бубачка (Halyomorpha halys) во јаболка увезени од Македонија“, се вели во извештајот.
Кафеавата мермерна бубачка е опасен штетник кој им се заканува на различни видови земјоделски производи, што може да доведе до намалување на приносите до 80 отсто од вредните култури, вклучително и житарките и овошјето, наведува агенцијата.
Според податоците од Државниот завод за статистика, во првите девет месеци годинава од Македонија биле извезени јаболка во вкупна вредност од 8,8 милиони евра. Тоа е намалување за 42% од во споредба со истиот период лани кога биле извезени јаболка во вредност од 12,5 милиони евра.
Но, податоците покажуваат дека извезените количини годинава од околу 43 илјади тони се поголеми за 21% во споредба со истиот период, што значи дека македонските јаболка се продавале многу поевтини годинава во споредба со лани.
Половина од вредноста на извозот е остварена на рускиот пазар
Половина од извозниот прилив од јаболката во периодот од јануари до септември бил остварен од продажбите на рускиот пазар во вредност од 4,3 милиони евра.
Втор најголем пазар според вредноста на извозот била Бугарија каде биле продадени јаболка во вредност од 1,3 милиони евра. Трет најголем пазар бил Косово со извоз вреден 838 илјади евра. Следи Србија каде биле извезени јаболка во вредност од 718 илјади евра.
Јаболката се продаваат најевтино во Србија и Бугарија
Гледано количински најголеми количини на јаболка од јануари до септември годинава биле продадени во Бугарија и Србија. Но, извозните цени биле далеку помали од просечните цени кои биле постигнати во Русија.
Претпоставките на познавачите на состојбите се дека голем дел од овие јаболка всушност се препродаваат и завршуваат на рускиот пазар.
Последната одлука на Русија би го погодила и овој извоз со оглед дека се забрануваат испораките на македонски јаболки кои на рускиот пазар се извезуваат под фитосанитарни сертификати од други земји.