„Низ долгата историја на човештвото (и на животните), преовладале оние кои што научиле најефективно да соработуваат и да импровизираат“.
Чарлс Дарвин
Нема дилема дека пред нас лежат големи предизвици и уште поголеми промени. Ситуацијата со пандемијата ќе трае, а ние мораме да извлечеме поука.
Зборот „криза“ во кинескиот јазик има две значења: опасност и можност. Каков ќе биде исходот за нас ќе зависи од нашата способност да се приспособиме, да се справиме со притисокот и да соработуваме едни со други. Дали ќе се плашиме и нема да делуваме или ќе ја разбудиме креативноста, ќе стекнеме нови вештини кои ќе ни помогнат да се приспособиме на новата ситуација?
Сите недостатоци на системите излегоа на виделина. После кризата секој ќе треба да направи длабока анализа од која ќе извлече поука за да може да опстои. Во секојдневието, компаниите – како да опстанат на пазарот, газдите – како да ги поддржуваат своите најдобри кадри, партиите и власта – како да ги почитуваат граѓаните, работниците – како да се поефикасни за да го задржат своето работно место, наставниците да го вратат интегритетот, родителите и децата да го ценат повеќе трудот на наставниците, луѓето да ја почитуваат природата, општеството – како да биде организирано, етично и одржливо.
Потребна е трансформација на луѓето, на компаниите, на општествата.
Во целата ситуација ќе „излезат на површина“ и ќе се тестираат сите релации, како со вработените, корисниците, бизнис-партнерите, заедницата. Дали се гледаат само своите интереси или се работи на заеднички решенија за пребродување на кризата?
Сега, повеќе од кога било, се потребни вистински лидери кои со своето однесување ќе ги мотивираат луѓето.
Во услови кога ќе се менуваат потребите од работна сила, институциите и компаниите ќе кратат трошоци и ќе мора да се преструктуираат, токму едукацијата и развојот на нови вештини и стимулирање на иновации е попотребна од кога било. Компаниите ќе бараат поефикасни работници и менаџери кои ќе можат брзо да анализираат и да донесуваат прави одлуки.
Центрите за обуки кои имаат искуство и мрежа на вистински професионални обучувачи со светско реноме, располагаат со поголемо знаење, поинакви методи и компетенции за развој на потребните вештини за 21. век (како „тврди“ („hard“), така и „меки“ („soft“) вештини).
Покрај професионалниот развој потребен е и личен развој. Целата ситуација бара трасформативен развој преку примена и на поинакви методи за личен развој, секојдневна надградба преку самоанализа, примена на НЛП техники, медитации, и најпосле примена на принципите на стоицизмот.
Колумна на Елена Младеновска Јеленковиќ, извршен директор на „М6“ Едукативен центар