Минатата година Македонија извезла јаболка во вредност од 20,6 милиони долари, според што е 26-ти најголем извозник во светот, покажуваат податоците од Worldopexports.

Вредноста на извозот на јаболка лани бил дури 110,7 % поголем во споредба со претходната 2018 година, кога, пак, според статистиката имало најмал извоз во последните 10 години од само 9,8 милиони долари.
Статистичките податоци покажуваат дека јаболкатa се второ најизвезувано овошје од земјава.

Минатогодишниот извоз од 20,6 милиони долари е втор најголем извоз во изминатите 10 години. Повисок извоз сме имале само во 2016 година кога на странските пазари се извезени јаболка во вредност од 23,8 милиони долари.

Производството се намалува

Статистиката покажува дека производството на јаболка во изминатите 10 години се намалува.

Лани во земјава се произведени 88,7 илјади тони јаболка, што е за речиси 40% или над 50 илјади тони помалку во споредба со 2018 година, кога биле произведени рекордно најмногу јаболка во изминатите 10 години.

Во 2010 година во Македонија се произведувале 121 илјада тони јаболка, што е отприлика за една третина повеќе отколку што биле произведени минатата година.

И кај јаболката, како и кај многу други култури кои бележат намалување на производството, се поставува дилемата каков ефект имаат субвенциите кои се делат, кога е очигледно дека тие не успеваат ниту да го зголемат производството, ниту извозот, а ниту стандардот на земјоделецот, бидејќи откупните цени секоја година се многу ниски, а на пазарот има преголеми неоткупени колични.

Србија е 11-ти најголем извозник на јаболка во светот

Ако се анализира извозот на јаболка од регионот, Србија е најголем извозник на јаболка со извоз вреден 118,6 милиони долари, според кој е 11-ти најголем изозник  во светот.
Втор најголем извозни е Грција, која со извоз на јаболка од 43,2 милиони долари
лани е на 21 место во светот. Македонија е трет по големина извозник во регионот, а по нас следат Словенија (28) со извоз од 12,1 милион долари, Хрватска (31) со извоз од 10,2 милиони долари, Босна и Херцеговина (36) со извоз од 7,3 милиони долари, Албанија (56) со извоз од 1,2 милиони долари и Бугарија (60) со извоз од 749 илјади долари.

Русија е најголем пазар за македонските јаболка

Ако се анализира извозот на македонските јаболка минатата година, најголем пазар бил Русија каде во 2019 година се продадени јаболка во вредност  од 9 милиони долари или околу 44% од целиот извоз.

Втор најголем пазар е Бугарија, каде лани имало извоз на јаболка вреден 4 милиони долари. Ако се гледа количински, Бугарија е најголем пазар, каде лани се извезле близу 43 илјади тони, но се продавале по просечна цена од 0,10 долари за килограм, додека во Русија јаболката се продавале по просечна цена од околу 0,49 долари за килограм.

Во Ирак биле продадени јаболка во вредност 2,5 милиони долари. Следи Косово, каде лани имало извоз на јаболка вреден 1,6 милиони долари.

Само на овие четири пазари имало извоз на јаболка поголем од 1 милион евра, додека на останатите пазари, како Романија, Грција, Србија, Црна Гора…извозот е помал.