Се одложуваат испитите за возачи, а се продолжува рокот на лиценците и на овластувањата во транспортот и во градежништвото, со оглед на вонредната состојба во земјава, информира на денешната прес-конференција министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
„Нашата цел е да обезбедиме непречен транспорт на производи за граѓаните, репроматеријали за индустријата и секако на медицински материјали. Владата и надлежните институции се во постојана координација со транспортерите и нивните здруженија, за да обезбедиме непречено функционирање, како на внатрешниот, така и на надворешниот транспорт на стоки“, изјави Сугарески.
Тој информира дека се донесени неколку уредби со законска сила, со цел транспортниот сектор подобро да го организира работењето и да обезбеди непречен транспорт на стоки.
Полагањето на испитите за возачи во меѓународниот сообраќај се одложува додека трае вонредната состојба. Важноста на сертификатите за возачите за учество во меѓународен патен сообраќај, чиј рок е истечен, се продолжува за време на вонредната состојба, соопшти Сугарески.
Втората уредба, како што рече, предвидува одложување и на полагањето на испитот за превоз на опасни материи. Тоа се однесува и за важноста на сертификатите за превоз на опасен отпад, на кои им се продолжува рокот на траење.
„Ова значи дека сите испити се одложуваат и сите сертификати на кои им истекува рокот продолжуваат да важат додека трае вонредната состојба“, вели Сугарески.
Со уредба се зголемува и времетраењето на транспорот за време на вонредната состојба од девет на 11 часа дневно. Неделното време се зголемува од 56 на 60 часа. Вкупното време за управување на возило во кои било две последователни седмици се зголемува од 90 на 100 часа. За време на вонредната состојба, возачите може да возат пет и пол часа, а потоа возачот е обврзан да направи пауза од најмалку 45 минути. Редовниот дневен одмор се намалува од 11 на девет часа, информира министерот.
Лиценците и овластувањата во градежниот сектор на кои им истекува рокот се продолжуваат во траење од 60 дена по завршувањето на вонредната состојба. Се продолжува и времетраењето на лиценци за изработка и ревизија на урбанистички планови . Исто така се продолжуваат и дозволите за вршење погребални услуги, чиј рок е истечен.