По падот на продажбите и профитабилноста во пандемиската 2020 година, најголемата македонска винарница Тиквеш ја заврши изминатата 2021 година со значително подобрени резултати во работењето.
Финансиските неконсолидирани извештаи објавени на Македонската берза покажуваат дека Тиквеш во 2021 година имала приходи од продажба од 31,6 милиони евра, кои се поголеми за 29% во споредба со претходната 2020 година, но се поголеми и за 7,5% во споредба со приходите од продажба кои винаријата ги имала во пред-пандемиската 2019 година, а кој изнесувале 29,3 милиони евра.
Околу 53% од приходите од продажба лани винарницата Тиквеш ги остварила од продажба на домашен пазар, кој бележат раст од 27% и изнесувале 16,8 милиони евра.
Приходите од продажба на вино на странски пазари минатата година се зголемени за дури 31%, достигнувајќи 14,7 милиони евра, со што е надминат и извозот од претпандемиската 2019 година од 12,8 милиони евра.
Нето добивката по оданочување на Тиквеш од работењето изминатата 2021 година изнесувала 2,34 милиони евра и е поголема речиси двојно (114%) во споредба со нето добивката остварена во 2020 година, но и од добивката која компанијата ја остварила во 2019 година.
Од Тиквеш информираат дека изминатата година инвестирале околу 2,5 милиони евра во материјални и нематеријални средства.
Што се однесува за 2022 година, од компанијата планираат приходите од продажба да продолжат да растат со раст од 14,4%. Во вкупната реализација во обем, домашниот пазар се планира да учествува со 41% додека извозните пазари да учествуваат со 59%.