ЕУ прифати царини за извоз во САД од 15%, но царините за автомобилите ќе останат високи 27.5% се додека блокот од 27 земји не го донесе потребниот законски предлог за намалување на давачките за различни американски стоки.

Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ) во четврток го финализираа рамковниот трговски договор постигнат минатиот месец, со кој се воведува царина од 15% за увозот на повеќето европски стоки во САД — вклучувајќи автомобили, фармацевтски производи, полупроводници и дрва.

Документот, долг нецели четири страници, има за цел да спречи ескалација на глобална трговска војна. Еврокомесарот Марош Шефчовиќ го презентираше во Брисел, речиси еден месец откако претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и американскиот претседател Доналд Трамп се договорија за реструктуирање на трансатлантските економски односи.

Овој договор означува привремен крај на долготрајниот спор околу царините, квотите и инвестициите, и претставува обид за избегнување на целосна трговска конфронтација меѓу двата најголеми трговски партнери.

Документот ги потврдува усните договори постигнати на состанокот во Шкотска кон крајот на јули:

  • Намалување на речиси сите европски царини за американски индустриски производи на нула
  • Зголемување на американските царини на европски производи на 15%

Иако ова е подобро од актуелната стапка од 27,5%, сепак е значително полошо од условите пред мандатот на Трамп, кога просечната царина за европски производи изнесуваше околу 2%.

ЕУ се обврзува да обезбеди преференцијален пристап до својот пазар за одредени американски земјоделски производи и морски плодови.

И покрај тоа што договорот носи поголема јасност и извесност, многу европски компании изразија критики. Очигледно, ЕУ не успеа да постигне подобри услови, а се чини дека беше решена да постигне договор по секоја цена.

Една од проблематичните одредби е дека САД ќе ги задржат сегашните царини од 27,5% за автомобили од Европската Унија сè додека блокот од 27 земји не воведе закон за намалување на давачките за различни американски стоки.

Администрацијата на Трамп ќе ги намали давачките за автомобили на 15% откако ЕУ „ќе го претстави потребниот законски предлог“ за намалување на царините за низа американски морски плодови и земјоделски стоки, вклучувајќи „јаткасти плодови, млечни производи, свежо и преработено овошје и зеленчук“, според соопштението. Во него се вели дека пониските царини за автомобили ќе стапат на сила од првиот ден од месецот во кој ќе се воведе законодавството на ЕУ.

Во заедничката декларација се содржани и неколку необични обврски. На пример, Европската комисија планира да купи енергија од САД — нафта, нуклеарно гориво и течен природен гас (LNG) — во вредност од 750 милијарди долари до крајот на мандатот на Трамп. Дополнително, се очекува европските компании да инвестираат уште 600 милијарди долари во стратешки американски сектори до 2028 година. Сепак, останува неизвесно дали овие планови ќе се реализираат, бидејќи фон дер Лајен нема овластување да ги принуди компаниите да инвестираат или купуваат суровини во САД.

„Алтернативата,“ рече Шефчовиќ, „ќе беше трговска војна со небесно високи царини.“

Договорот беше официјално објавен на 27 јули во Шкотска, по неколкумесечни преговори. Во заедничката изјава, Трамп и фон дер Лајен го нарекоа договорот „историско достигнување“ и изразија надеж дека ќе се прошири на нови области на соработка.

Европските производители на автомобили би можеле да бидат ослободени од високите американски царини уште во наредните недели. САД најавија дека намалувањата ќе стапат на сила веднаш по усвојувањето на потребните закони од страна на ЕУ.

Што следува потоа ?

Декларацијата презентирана од Шефчовиќ мора да биде инкорпорирана во правен акт од страна на Европската комисија. Само тогаш ќе стане обврзувачка. Но, дури и по тоа, Брисел и Вашингтон веројатно ќе продолжат со преговорите.

На пример, Шефчовиќ сака да се осигура дека виното ќе добие царина пониска од 15%, нарекувајќи го тоа „еден од најважните интереси на ЕУ“. Франција, особено, се залага за овој исклучок зад сцената.

Сè уште нема договор ниту за челикот и алуминиумот. Трамп не сака да ги намали царините, кои моментално изнесуваат 50%. Затоа, Европската комисија предлага квоти — пониска стапка да се применува за извоз до одреден обем.