ИНТЕРВЈУ
ГЛИГОР ЦВЕТАНОВ, генерален директор на “МАКПРОГРЕС”
:
.
“Макпрогрес” е една вистинска победничка бизнис приказна во македонската економија. Повеќе години наназад, Макпрогрес е најголем извозник од прехранбената индустрија. Но, тежината на овој податок е многу поголема ако се знае дека станува збор за семејна компанија. “Макпрогрес” е основана на почетокот на 90-те години од страна на Александар Цветанов, на почетокот како трговска фиирма, за да после 30 години инвестииции во развој, прерасне во една од најголемите прехранбени компании и најголем извозник на храна од Македонија, извезувајќи на над 50 пазари низ целиот свет. Генералниот директор на “Макпрогрес”, Глигор Цветанов во интервју за едицијата Топ 100 Извозници зборува за развојните планови на компанијата, за извозната стратегија за успешен настап на странските пазари, за потенцијалите за развој и поголем извоз на кондиторската и прехранбената индустрија во Македонија….
Колку извозот е заслужен за досегашниот успешен развој на Макпрогрес и зошто извозот е важен за развојот на македонските компании и економијата во целост?
Цветанов: Извозот е од особена важност за развој на македонските компании и економијата во целина, а всушност е суштински за мала држава како што е нашата. Зголемувањето на извозот носи поголема вработеност, повисоки плати, подобар животен стандард и поголеми девизни резерви. За Макпрогрес, извозот одигра клучна улога во нашиот успешен развој и тоа од аспект на диверзификација на пазарите, пристап до нови технологии и знаење што ни помага да станеме поиновативни и поконкурентни, зголемено меѓународно реноме и економска стабилност.
За Макпрогрес, извозот е клучен фактор за успешниот развој, кој овозможи од мала локална семејна компанија да прераснеме во лидер во извозот од прехранбената индустрија во Југоисточна Европа.
Бидејќи една од целите на едицијата ТОП 100 Извозници е промоција на успешните извозни приказни и добрите извозни пракси, може ли да споделите кои се клучните столбови врз основа на кои се градеше успехот во извозот и извозната стратегија на Макпрогес низ годините?
Цветанов: Успехот на Макпрогрес во извозот и извозната стратегија може да се објасни со добро сработена домашна задача, што подразбира компанијата да се прилагоди на пазарите со својата понуда на производи и да ја одржува конкурентноста преку подобрување на продуктивноста и ефикасноста.
Клучна е упорноста и истрајноста во намерите за извоз, како и да ги искористиме можностите кои се насекаде околу нас, но кои треба да ги препознаеме. Нашето искуство покажува дека промоциите на најголемите светски саеми, презентациите и бизнис форумите, како и директните посети на потенцијални клиенти се особено важни за реализација на продажба надвор.
Воедно, како клучни столбови во таа стратегија се квалитет на производите и воведените меѓународни стандарди во производството, што ни овозможува да ги задоволиме барањата на меѓународните клиенти, разбирањето на потребите и предизвиците на меѓународните пазари и клиентите, ефикасната логистика и дистрибуција, иновациите и континуираниот развој на нови производи.
Изминатите три години беа исполнети со многу несигурност и донесоа тектонски промени за извозните комапнии, почнувајќи од пандемијата со Ковид 19, војната во Украина, енергетската криза, рекордно високата инфлација…Какви промени и проблеми донесоа овие настани во работењето на Макпрогрес и како реагирате како компанија?
Цветанов: Сите сме свесни за влијанието на глобалните настани врз компаниите како што е Макпрогрес. Промените и предизвиците од пандемијата на Ковид-19, војната во Украина, енергетската криза и инфлацијата значително влијаат на извозните производни компании. Искрено, минатата 2022 година беше најтешката година во 32 годишното постоење на Макпрогрес. Клучот е да се биде прилагодлив и да се реагира на промените соодветно и навремено.
Во поглед на пандемијата, наша најважна цел беше како да одговориме на предизвиците за заштита на нашите вработени, но воедно и да ја одржиме економската активност и да ги задоволиме барањата на потрошувачите ширум светот.
Со почетокот на војната во Украина се нарушија пазарите на суровини и енергенси, па тогаш следуваа предизвици во поглед на снабдувањето и високите цени. Со соодветна и отворена комуникација со клиентите успеавме да ги прилагодиме цените спрема новите влезни цени на суровините, енергијата и на логистичките трошоци, а воедно одржувајќи ги продажните цени да бидат конкурентни на сите пазари.
Изминатиот период има огромен скок на цената на какото, шеќерот…, но и цените на храната се на рекордно високо ниво. Што значи да се работи и извозува во услови на висока инфлација? Како тоа се одразува врз производството, синџирите на снабдување, врз цените и профитот? Какви се Вашите проценки за движењето на цените на суровините и храната во следниот период?
Цветанов: Работењето во целост, а посебно извозот на светските пазари во услови на висока инфлација е голем предизвик и има огромно влијание врз производството и профитабилноста на извозните компании. Освен тоа, за компаниите да бидат прилагодливи, мора да спроведуваат и стратегии за управување со трошоците за суровините, со цел да се набави по најповолни цени, а воедно одржувајќи ги конкурентните цени и маржи. Во вакви услови за работа, особено е важно и да се води сметка за продуктивноста и намалување на трошоци, притоа водејќи сметка тоа да не се одрази на квалитетот, развојот и иновациите.
Прогнозирање на цените на суровините и храната е тешка задача, но важно е да се следат трендовите и да се има алтернативни планови за случај на раст на цените. Во следниот период, цените на суровините и храната можат да продолжат да се зголемуваат поради разни фактори, како што се климатските промени, геополитичките настани или зголемената побарувачка.

Конкуренцијата во кондиторската индустрија е голема, како во земјата, така и во регионот. Најголемите конкуренти постојано вложуваат во развој на нови производни линии, нови производи поодбрување на квалитетот со цел да се исполнат очекувањата на потрошувачите. Како се носи Макпрогрес во оваа конкурентска трка? Колку компанијата инвестира во развој на нови производи, поголем квалитет и ги следи очекувањата на новата генерација потрошувачи?
Цветанов: Регионалната и глобалната кондиторска индустрија е силно конкурентна и иновативна. Макпрогрес успешно се носи со конкуренцијата во кондиторската индустрија преку стратегија за континуирани инвестиции во иновации и развој. Пред две години отворивме Развоен центар, кој е единствен од тој вид кај нас и кој ни овозможува да работиме повеќе на делот на развој на нови производи и подобрување на квалитетот на постоечките производи. Воедно, работиме и на развој на вработените преку отворените две академии, едната е Винчини академија, која служи за обуки во кондиторското пекарство, а втората е Прогресив академија, која служи за обука на извршни директори и менаџери во нашата, но и во останатите компании од регионов.
Новата генерација потрошувачи очекува од нас да креираме креативни и вкусни производи со фокус на одржливоста и социјалната одговорност.
Како ја оценувате македонска кондиторска индустрија? Кои се конкурентските предности, извозните потенцијали и пазарите каде може да се постигне раст на извозот? Какви политики и мерки би помогнале да се зголеми конкурентноста на Макпрогрес и компаниите кои работат во кондиторската и прехранабената индустрија?
Цветанов: Од година во година, извозот на кондиторски производи е во пораст, а во пораст се и новите капацитети на производителите. Домашните кондиторски производи се квалитетни, индустријата има солидна база на квалитетни суровини и знаење да направи и одржува квалитет во работењето. Овој месец на најголемиот саем за храна Ануга во Келн, Германија се претставиja повеќе компании од Македонија, а интересот беше рекорден, што дава оптимизам за извозниот потенцијал во следниот период.
Македонската кондиторска индустрија нуди конкурентски предности како што се квалитетните суровини, локацијата и близината до пазарите
на регионот и Европа, вредни посветени и компетентни работници и докажаната традиција во кондиторската индустрија.
Извозниот потенцијал на македонската кондиторска индустрија може да се развие во пазарите каде имаме договори за слободна трговија, како што се земјите од Цефта, Ефта и Европската унија. Исто така, потребно е државата да поработи на склучување на договори за слободна трговија со земјите од Магреб и Блискиот исток кои имаат голем потенцијал за пласман на храна од Македонија, но имаме преголеми царински стапки за извоз на овие пазари. Земјите од ЕУ веќе имаат слободна трговија со овие земји преку пан-еуро-мед конвенцијата. Би било пожелно кога ќе се отворат преговорите со Европската унија нашите преговарачи да побараат да ни се овозможи да ги користиме преференцијалите уште на самиот старт на преговорите, а не дури кога ќе станеме членка на ЕУ. Исто така, како држава мора да поработиме на склучување на договори за слободна трговија првенствено со Мароко, Алжир, Египет, Либија, Јемен, Саудиска арабија и други.
Која е визијата и стратегијата за развој на Макпрогрес во следниот период ако се имаат во предвид трендовите во индустријата во која работите?
Цветанов: Визијата за развој на Макпрогрес во следниот период е да продолжиме по патот на континуирани инвестиции и реформи со цел да станеме не само регионален, туку и глобален играч во кондиторската индустрија. Ова планираме да го правиме преку инвестирање во иновации во производството, со цел да се креираат нови и уникатни производи кои ќе ги задоволат потребите на современите потрошувачи со фокус на одржливи пракси во производството и амбалажите, користење на одржливи извори на енергија и одговорност кон заедницата.
Стратегијата е да преминеме да работиме глобално преку раст на брендот Винчини на глобално ниво и анализирајќи ги потребите на потрошувачите и трендовите во потрошувачката култура, зголемувајќи ги капацитетите на производството, одржувањето и дообука на вработените и подобрување на глобалната присутност и видливост.
Во целост, визијата и стратегијата на Макпрогрес во следниот период е ориентирана кон иновации, одржливост, задоволување на потребите на потрошувачите и проширување на пазарите, со секаква поддршка на квалитетната работна сила и управување со снабдувањето и логистиката.
Зелената транзиција и одржливоста се теми кои добиваат се поголемо значење во светот на бизнисот, како и кај новите генерации потрошувачи. Дали одржливоста е прашање само на тренд или има посилни мотиви заради кои компаниите треба да се насочуваат кон зелени решенија и почитување на ESG целите кои се се поактуелни? На кој начин како компанија се поставувате во однос на одржливоста во работењето и развојот?
Цветанов: Одржливоста не е само тренд, туку и нешто што за Макпрогрес има важен долгорочен мотив. Сегашните и новите генерации потрошувачи, соработници и заедницата ги поставуваат високо очекувањата кон компаниите во врска со одржливоста и ESG (Environmental, Social, Governance) целите.
Како компанија сме поставени така што ни е најважно, пред сѐ, да бидеме целосно усогласени со сите законски регулативи, а воедно грижејќи се секогаш да ги задоволуваме потребите на потрошувачите, вработените, кредиторите и сопствениците.
Како општествено одговорна компанија сме фокусирани на одржливоста во целокупното работење, јакнење на односите со вработените, креирање на партнерства и соработка со други компании, институции и невладини организации кои ја споделуваат истата визија за одржливост.