Извозот на земјоделски производи од Албанија достигна 570 милиони евра во 2024 година, што претставува речиси четирикратен пораст во споредба со 150 милиони евра во 2013 година.
Според министерката за земјоделство и рурален развој, Анила Денај, овој раст е резултат на тековните напори на владата, поддршката за земјоделците и спроведувањето на политики за подобрување на производството и стандардите, пишува Albanian Daily News.
Владата има за цел да го зголеми извозот на 1 милијарда евра до 2030 година. Меѓу факторите што придонесуваат за конкурентноста на албанските земјоделски производи на глобалните пазари се обновување на земјоделската инфраструктура, промоција на агротуризмот, програми за субвенции за земјоделци и сертификација стандардизација на земјоделските производи.
„Трансформацијата на секторот сега е реалност“, изјави Денај, нагласувајќи ја континуираната владина поддршка за земјоделските работници.
Зголемувањето на извозот е во согласност со стратешката цел на Албанија за европска интеграција, при што земјоделството се позиционира како клучна економска компонента. Албанските производи сега се присутни на пазарите на ЕУ и во регионот, а најмногу се извезува овошје, зеленчук, лековити растенија и преработени производи.
Сепак, предизвиците остануваат како што се фрагментацијата на земјиштето, застарената механизација, влијанието на климатските промени и недостигот на работна сила во руралните средини.
За да се постигне целта од 1 милијарда евра до 2030 година, на Албанија и се потребни напредни политички мерки за модернизација на земјоделството, гарантирање на безбедноста на храната и подобрување на пристапот до меѓународните пазари.
Земјоделскиот сектор создава 20% од БДП на Албанија
Во Албанија, земјоделскиот сектор игра клучна улога во поттикнувањето на вработувањето и економскиот раст. Според Светска банка, албанскиот земјоделски сектор создава речиси 20% од БДП на земјата- речиси три пати повисоко од регионалниот просек за земјите од Западен Балкан – и е клучен извор на вработување, обезбедувајќи работни места за над 40% од населението. Со учество од 11,3%, земјоделските и прехранбените производи, исто така, претставуваат значителен дел од вкупниот извоз на земјата.
И покрај постојаното зголемување на земјоделското производство во текот на изминатите неколку децении, земјата продолжува да заостанува зад своите соседи. Пречките што го спречуваат напредокот на секторот, според Светската банка, вклучуваат фрагментација на земјиштето, недоволно инвестирање во рурална инфраструктура и услуги, несигурни права на сопственост на земјиште, ограничен пристап до финансии и недостаток на знаење и вештини релевантни за пазарот.
Државата со директна финансиска поддршка на инвестициите во земјоделието
Една од последните мерки на албанската влада за поддршка на земјоделците вклучува неповратна помош за новите инвестиции во насади дури до 50%. Така, земјоделците во Албанија кои планираат да инвестираат во нови плантажи со овошни дрвја, цитрусни растенија, маслинови градини и лозја можат да аплицираат за грант од 50%. Мерката може да се комбинира и со мек заем со каматни стапки до 2% и државна гаранција што покрива колатерал до 70%.
Оваа поддршка е дел од Националната инвестициска шема за поддршка на земјоделството и руралниот развој, која се применува во Албанија веќе втора година по ред. Земјоделците можат да добијат грантови за купување трактори, машини и модерна опрема, нови насади. Целта е да се зголеми продуктивноста и безбедноста преку поттикнување на механизацијата и новите технологии во земјоделството и сточарството.
Процесот на пристапување кон ЕУ ги зајакна врските на Албанија со главните европски пазари, сочинувајќи 71,5% од извозот на земјоделски производи и прехранбени производи и 62,4% од увозот. За жал, извозот на земјоделски производи во земјите од ЕУ се намали во релативна смисла, додека оној кон Србија и другите регионални соседи се зголеми. Пазарите на ЕУ обично нудат многу повисоки цени од пазарите на Западен Балкан, но сепак, извозот на Албанија во ЕУ останува во голема мера ограничен на минимално преработени стоки со ниски нивоа на додадена вредност.