Дванаесет македонски компании од прехранбената индустрија ќе ги изложат своите производи на најголемиот светски саем за храна и пијалоци кој ќе се одржи од 19 до 23 октомври во Париз, Франција.

Макпрогрес, Лион, Макс, Мако Маркет, Соко, Випро, Вори, Аграр Ко, Ексклузив, Фруктана, Иноспектар и Ларс се македонските компании кои ќе се претстават со свои производи во две хали, за свежо овошје и зеленчук и преработки, како и за кондиторски производи, бисквити и слатки. Националниот штанд и учеството на македонските производители е во организација на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Светскиот саемски спектакл SIAL кој се одржува на секои две години, обединува водечки експерти од целиот свет, нудејќи им единствена можност да ги презентираат најновите иновации, да воспостават вредни деловни контакти и да ги истражат најновите трендови во прехранбената индстрија.

SIAL 2024 ветува дека ќе биде уште фасцинантен настан обезбедувајќи единствен увид во трендовите и можностите кои ќе ја обликуваат иднината на прехранбената индустрија.

Со традиција од речиси шест децении, SIAL претставува еден од водечките саеми во индустријата за храна за време на кој производителите и извозниците преговараат за зделки со трговци, купувачи, увозници, дистрибутери, експерти од најголемите трговски синџири на мало во светот и претставници на HoReCa.

SIAL е меѓународен деловен настан за промоција на иновативни решенија и производи, технологии за производство и пакување, како и специјализирани сегменти на храна.
За годинешниот саем над 7.500 изложувачи веќе го резервирале својот штанд и за прв пат во својата историја, SIAL Paris е распродаден 5 месеци пред да се отвори. Се очекуваат 285.000 професионалци од 205 земји кои ќе изложуваатнад 400.000 производи и иновации.

Саемот промовира неколку тематски целини во рамките на 11 изложбени павилјони и тоа: национални павилјони и региони во светот, готова храна, замрзната храна, млечни производи, овошје и зеленчук, месо и риба, кондиторски производи, трајни производи, пијалоци, органска храна.

Повеќе информации за саемот SIAL може да се најдат на следниот линк.

На претходниот саем во 2022 година учествуваа повеќе од 7.000 изложувачи од 127 земји, а го посетија повеќе од 400.000 професионални посетители.