Премиерите на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски и на Република Албанија Еди Рама, денес го означија официјалниот почеток на One Stop Shop концептот на граничниот премин Ќафасан – Ќафтане. На настанот присуствуваа претставници на Владите од двете држави, како и високи претставници на царинските и полициските служби.
Со овој концепт, според премиерот Димитар Ковачевски, се овозможува побрз проток на граѓаните од двете држави, но и на компаниите кои транспортираат производи на овој граничен премин.
Заедничкиот граничен премин Ќафасан – Ќафтане ќе ја олесни работата на 11 илјади компании од нашата држава кои се ориентирани кон извоз и кон трговија со други држави, а се овозможува и полесен пристап до пристаништата и до туристичките места во Албанија.
Директорот на Царинската управа Стефан Богоев истакна дека воспоставувањето на заедничките гранични контроли е дел од активностите кои ги спроведуваме со поддршка на Владата во насока на олеснување на трговијата, подобрување на конкурентноста на компаниите и намалување на времето на чекање на граница, а соработката и довербата на највисоко ниво помеѓу двете земји ќе допринесе за поголема безбедност на границата и намалување на корупција.
Во изминатиот период Царинската управа, заедно со Министерството за внатрешни работи, ги реализираше соодветните инфраструктурни зафати за воведување на концептот One Stop Shop и со неодамнешното потпишување на последниот протокол за спроведување на Договорот за воспоставување на заеднички граничен премин, ги исполни сите предуслови за започнување на заедничките контроли на граничниот премин Ќафасан – Ќафтане.