Заменикoт на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и директорот на Фонд за иновации и технолошки развој Коста Петров, денеска на заедничка прес конференција го презентираа јавниот повик за ко-финансирани грантови за комерцијализација на иновации, за кој се обезбедени 8 милиони евра за македонските компании кои ќе аплицираат со проекти за комерцијализација на иновациите.
Повикот е наменет за претпријатија кои сакаат да развијат иновативен производ, услуга или процес, сами или во соработка со друго претпријатие и/или установа која врши високообразовна, односно научноистражувачка дејност. Финансиската поддршка е достапна за домашните претпријатија кои имаат проекти со јасна комерцијална цел и кои се во фаза на прототип, па сѐ до преткомерцијална фаза. Доколку предлог проектот се поднесува од страна на конзорциум, го поднесува водечки апликант, а членови на конзорциумот можат да бидат претпријатија, високообразовни и научно-истражувачки установи од земјата и од странство.
Вицепремиерот Битиќи во своето обраќање истакна дека ова е вкупно деветти јавен повик кој ФИТР го објавува оваа година, со што уште еднаш се потврдува дека оваа институција го изгради своето реноме и се постави на позиција на вистински дом за поддршка на креативни и иновативни проекти на младите луѓе, младите фирми, старт-ап и спин-оф компаниите, но и сите други микро, мали и средни компании кои имаат планови за сопствен раст и развој.
„Со овој јавен повик очекуваме дополнително да се зголеми протфолиото на проекти кои се околу 640, но и на компании кои ги поддржува Фондот, со оглед на тоа што за овој инструмент ќе може да аплицираат само компании кои не се тековни корисници на инструментите на ФИТР. Преку инструментите за комерцијализација на иновациите и за подобрување на иновативноста во изминатите 3 години, поддржани се вкупно 198 проекти, односно околу 30% од вкупниот број, а за овие проекти преку буџетот на ФИТР за поддршка се издвоени околу 28 милиони евра, односно 66,3% од вкупно доделените средства за поддршка кои кумулативно изнесуваат 42 милиони евра. Тоа значи дека инвестираме во иновациите на компаниите, во идеите на стопанствениците, во дигитализацијата на процесите, зголемената продуктивности и конкурентност“, потенцираше вицепремиерот.
Битиќи додаде дека средствата кои се планирани преку овој јавен повик се одлична шанса за компаниите да ја забрзаат динамиката на реализација на идеите, да го унапредат своето производство, да го зголемат асортиманот на производи, продуктивноста и продажбата, а со тоа да се придонесе кон креирање на уште подобро и поконкурентно економско опкружување во нашата земја.
„Дополнително со новиот механизам, кој го воведовме за поттикнување на компаниите да бараат и дополнителни извори на финансирање, доколку корисникот достави доказ за инвеститор кој вложил износ кој изнесува најмалку 50% од износот на финансиска поддршка доделена од страна на Фондот на корисникот, корисникот ќе биде ослободен од обврската за плаќање на ројалти. Ова не само што ја зголемува поддршката за компаниите, туку и делува како перпетуално забрзување на развојот“, посочи вицепремиерот Битиќи и ги повик сите стопанственици, млади луѓе кои имаат идеи за развојни проекти, да се пријават на јавниот повик, кој ќе биде отворен до 15-ти октомври 2021 година.
Директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров даде детален преглед на јавниот повик, при што ги презентираше условите за аплицирање, активностите за кои се овозможува поддршка, трошоците подобни за финансирање, како и дополнителни можности кои корисниците на ФИТР може да ги користат за финансирање на нивните проекти, процедурата за евалуација и селекција на проекти и други детали.
„Дел од активностите кои ќе бидат одобрени за финансирање се за истражување и развој, тестирање, активности поврзани со заштита на интелектуална сопственост, дизајн, развој на пилот линии и други. Некои од трошоците кои ќе бидат одобрени на проектите, се бруто плати за вработените лица кај апликантоти членовите на конзорциумот кои ќе бидат ангажирани на проектот, поддоговорни услуги за истражување и развој, трошоци за маркетинг, канцелариска и деловна поддршка и др. Фондот ќе обезбеди до 70% финансирање од вкупниот буџет на проектот, за претпријатија чиј просечен број на вработени е до 50 и чиј годишен приход во последните две години е помал од 2 милиони евра, односно до 60% финансирање од вкупниот буџет на проектот, за претпријатија чиј просечен број на вработени е од 50 до 250 и чиј годишен приход во последните две години е поголем од 2 милиолни евра, а помал од 10 милиони евра. Времетраeњето на проектите може да биде до 24 месеци“, елаборираше Петров.
Директорот посочи дека главните критериуми според кои ќе се оценуваат предлог проектите се: степен на иновативност, квалитет на проектот, капацитет на проектниот тим, потенцијал на пазарот и влијанието на проектот.
„Процесот на евалуација на предлог проектите ќе се одвива во две фази: фаза на претселекција која се спроведува од страна на три домашни стручни лица по проект, две стручни лица од областите што соодветствуваат со критериумите за евалуација и едно лице од областа што соодветствува на предлог проектот. Во втората фаза, односно фазата на селекција се спроведува од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции, кој ја донесува и финалната одлука за финансирање преку овој инструмент“, објасни директорот на ФИТР.
Петров додаде дека покрај финансиската поддршка, на компаниите кои ќе аплицираат на овој јавен повик, Фондот им нуди можност за дополнително финансирање преку партнерите: Стопанска Банка, Тутунска Банка, Шпаркасе Банка, Прокредит Банка, УниБанка и СилкРоуд Банка, со што на компаниите им се достапни кредитни производи и услуги по привилегирани пониски каматни стапки од редовните.
„Дополнително, на компаниите им се достапни кредитите за користење на клауд платформата на Amazon Web Services, во износ од 10.000, 25.000 и 100.000 американски долари. ФИТР ќе организира и менторска поддршка наменета за компаниите кои ќе аплицираат на повикот, а ќе се однесува на фазата на подготовка, фазата на развој и реализација на идеите на компаниите“, заврши директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Коста Петров.
На јавниот повик кофинансирани грантови за комерцијализација на иновации, компаниите можат да аплицираат до 15.10.2021 година, до 14.00 часот, додека процесот на аплицирање и целата проектна документација се достапни на: https://fitr.mk/komercijalizacija2021/