Британската влада објави проширување на финансиската поддршка за извозниците за 20 милијарди фунти (26 милијарди долари), вклучително и за компаниите погодени од царините наметнати од САД, во обид да им обезбеди стабилност и безбедност во „новата ера на глобалната трговија“, објави Ројтерс.
Царините, воведени од американскиот претседател Доналд Трамп, ја зголемија неизвесноста за британските компании во врска со нивната изложеност на новиот трговски режим.

САД воведоа царини од 10 % за Велика Британија на 2 април, покрај царините од 25 % за алуминиум, челик, возила и автоделови.
Владата соопшти дека ова зголемување го носи капацитетот за кредитирање на агенцијата за финансирање на извозот на Велика Британија на 80 милијарди фунти, од кои до 10 милијарди фунти ќе бидат наменети за поддршка, на краток рок, на компаниите најпогодени од новите царини.
Светот се менува, затоа е поважно од кога било да ги поддржиме нашите водечки бизниси и да им помогнеме да се справат со предизвиците што претстојат. Денешната објава ќе го стори токму тоа, носејќи придобивки за илјадници компании низ целата земја“, рече министерката за финансии Рејчел Ривс.

Пакетот за поддршка вклучува и пристап до кредити до 2 милиони фунти за мали и средни бизниси.

Укинати царини за увоз на 89 производи

Како дел од поширокиот пакет за помош и ублажување на притисокот од американските царини врз компаниите, британските власти ги укинаа и царините за увоз на 89 производи.

Суспензијата на царините за низа производи, од батерии за електрични возила до агавен сируп, ќе биде на сила до јули 2027 година.
Британската влада тврди дека оваа иницијатива ќе им заштеди на британските бизниси 17 милиони фунти (GBP), или 19,5 милиони евра, кои би можеле да им се пренесат на потрошувачите.

САД е втор најважен извозен пазар за британски челик по Европската Унија (ЕУ).