Перспективата за контејнерскиот превоз сега е понеизвесна отколку на почетокот на Ковид и превозниците треба да се подготват за тешки и неизвесни услови за работење
Консултантската компанија за поморски услуги Друри ( Drewry) објави дека очекува глобалниот обем на контејнерските пристаништа да се намали за 1% како директен резултат на трговските политики на САД.
Тоа би бил трет пад на глобалната побарувачка за контејнерски превоз откако Друри, со седиште во Лондон, почна да ги собира тие податоци во 1979 година. Обемот на контејнерскиот превоз се намали за 8,4% за време на глобалната финансиска криза во 2009 година и за 0,9% во 2020 година, кога беше прогласена пандемијата на Ковид.
Тековната политика на администрацијата на Трамп вклучува генерални царини од 10% за стоки од повеќето земји и 145% увозни давачки за производи од Кина. Кина и другите земји возвратија со царини за американски стоки.
„Под претпоставка дека 2/3 од сегашните царини остануваат на сила, увозот на САД од Кина би можел да се намали за 40%“, изјави консултантската компанија.
Кина доминира во увозот на стоки за широка потрошувачка, индустриски производи и мебел во САД.
Преместувањето на кинеското производство во земји кои се соочуваат со многу пониски царини би можело да го компензира дел од падот на побарувачката за испорака. За таа цел, увозот на САД од други земји би можел да се зголеми и до 15%, сметаат од Друри.
Дополнително, царините и неизвесноста која се креира со нив ја убиваат довербата на потрошувачите.
Економистите предупредуваат дека трговските политики на претседателот Доналд Трамп го зголемуваат ризикот од рецесија во САД, најголемата економија во светот. Падот на американската економија би можел брзо да се прошири и на други земји низ целиот свет.
Светското економско производство ќе се забави во наредните месеци, бидејќи високите царини на Трамп за практично сите трговски партнери почнуваат, ќе почнат да се чувствуваат, соопшти Меѓународниот монетарен фонд претходно оваа недела.
Германскиот превозник на контејнери „Хапаг-Лојд“ соопшти дека клиентите откажале 30% од презвозите од Кина кон САД, загрижени од трговскиот конфликт меѓу двете најголеми економии во светот.
Националната федерација за малопродажба, чии членови се „Волмарт“ и „Таргет“ претходно овој месец предвиде дека обемот на увозен товар во контејнери во САД ќе се намали за најмалку 20% на годишно ниво во втората половина од 2025 година, бидејќи компаниите што набавуваат од Кина ќе ги запрат нарачките.