Никица Мојсоска Бизнис Клуб

Мојата почит спрема Стопанската комора е на највисоко ниво затоа што во неа членуваат компаниите кои го движат македонскиот извоз, компаниите кои го полнат нашиот буџет, компаниите кои нѐ водат напред. Комората е гласот на бизнисот – од дизајнирање и носење политики до детектирање проблеми и барање нивно решение“, изјави д-р Никица Мојсоска-Блажевски, потпретседател на Управниот одбор на Стопанската комора и главен извршен директор на „Македонија 2025“, во најновото издание на „Бизнис-клуб“ со претседателот на Комората Бранко Азески.

Таа посочува дека Комората е колективно тело во кое секој се грижи за своите интереси, но на крај колективниот интерес е најважен и за економијата и за државата. Притоа, потсетува дека Стопанската комора на разни начини на компаниите им обезбедува континуирана поддршка: обезбедување кредити и средства за технолошка опременост и модернизација, заеднички настап на трети пазари, учество на саеми, како и обезбедување и размена на релевантни информации.

Секоја влада ја знае моќта на коморите и мора да ги ислуша и да ги консултира при носењето одлуки. Не смееме да ги заборавиме периодите на кризи во кои Стопанската комора како партнер им помогна и на компаниите и на државата“, додава Мојсоска-Блажевски.

Во продолжение на поткастот, д-р Мојсоска-Блажевски нагласи дека како мала економија Македонија својот економски раст мора да го базира на извозот, но и на инвестициите. Според неа, потребни се промена во начинот на размислување на компаниите и активна потрага по нови пазари.

Можеби Западот е нашата иднина, но не смееме да го занемариме Истокот. Треба глобално да бидеме отворени за сите можности што ни ги нуди светот“, вели таа.

Во таа насока, Комората ќе развива програми за поддршка на компаниите за нивниот настап за влез на нови странски пазари, за промена на деловниот менталитет, за изработка на почетно истражување на пазарот и за изнаоѓање партнери.

Во продолжение на разговорот д-р Мојсоска-Блажевски подвлекува дека државата и Комората треба заеднички да обезбедат стабилна и предвидлива бизнис-клима преку поедноставена регулатива, заради создавање фер услови за функционирање на компаниите, но и за владеење на правото како основа за посилен приватен сектор и одржлив економски раст.

Линк до видеото.