Климатските предиспозиции, конкурентната цена на производите, како и блискоста до европските пазари претставуваат предуслови Северна Македонија да стане дел од успешната група на извозници на органски производи од регионот.
Со структурна и континуирана поддршка на органското земјоделство, поткрепена со институционална и финансиска оддржливост, може да се изгради органско производство што ќе одговара на европските стандарди, истовремено задоволувајќи ги потребите и на домашниот пазар.

:

Во светот расте побарувачката за „чисти” и незагадени производи, како и свесноста на потрошувачите за придобивките што користењето на органски произведена храна ги носи за здравјето и животната средина.

Малку земји во Европа можат да понудат области погодни за органско производство, како Р.Северна Македонија, која располага со региони кои што сè уште не се засегнати од индустриското земјоделство. Поволната клима со многу сончеви денови, заедно со долгогодишната традиција во земјоделството, создаваат конкурентна предност и го прават органското производство една од гранките на земјоделството со најголем потенцијал за развој и економски придонес во земјата.

Иако органското земјоделство е во развој, кај нас бројот на земјоделски стопанства кои се сертифицирани за органско производство останува релативно мал.  
Во последните дваесет години, бројот на органски производители е зголемен речиси деветкратно, достигнувајќи 904 регистрирани производители. Вкупната површина на сертифицирано органско производство пораснала на 4.616 хектари, од 509 хектари во 2006 година.

Сепак, и покрај континуираниот раст, развојот на органското производство во Северна Македонија се одвива бавно и под реалниот потенцијал.

Северна Македонија има голем број на органски производители во споредба со другите земји од регионот, но просечната површина по производител е мала. Тоа ја прави приказната за органското производство истовремено успешна и недоволно искористена, со потенцијал што сè уште чека да биде реализиран.

Според последните податоци од 2024 година, во Северна Македонија просечно се регистрирани околу пет хектари органска површина по производител- далеку помалку од Србија, каде просекот изнесува околу 50 хектари.
Истовремено, земјава има најмал број на извозници на органски производи: само пет, наспроти 60 во Србија, 25 во Албанија и 20 во Босна и Херцеговина.

Во текот на 2024 година, Македонија извезла околу 221 тони органски производи во Европската Унија, со што се позиционира на 87 место од вкупно 123 земји извозници. Но, македонскиот извоз на органски производи во ЕУ бележи пад од 14,2% во однос на претходната година – тренд што е спротивен на растечката побарувачка за органска храна во ЕУ.

Денес, органскиот пазар во Европската унија изнесува околу 58,7 милијарди евра, со јасна стратешка цел за негово проширување и зајакнување на побарувачката за ваков тип на производи.
Според регулативата на ЕУ, до 2030 година се очекува 25% од вкупното земјоделско земјиште да биде под органско производство. Од земјите во регионот, најблиску до оваа цел е Словенија, со речиси 11% органско учество во вкупното земјоделско земјиште. Во Северна Македонија органскиот удел изнесува 0,3%, што е нешто повисоко во споредба со Албанија, Босна и Херцеговина и Косово, каде уделот е околу 0,1%.

За жал, развојот на органското земјоделство во регионот сè уште е во рана фаза, поради бројните предизвици со кои се соочува земјоделството на Балканот.

Каква поддршка има органското производство во Северна Македонија?

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека Северна Македонија има значаен потенцијал за органско производство. Поволната клима, плодното земјиште, чистата природа и долгогодишната традиција во земјоделството создаваат предуслови за повисока продуктивност и добар квалитет на органските производи. Голем број од локалните земјоделски производители и денес практикуваат методи блиски до органските принципи – користење на природни техники за одржување на плодноста на почвата, природно наводнување и значително помала зависност од хемикалии.

Во однос на политиките и мерките  за развој на органското земјоделско производство во земјата, од Министерството велат дека тие се во согласност  со мерките  за поддршка утврдени во Националната стратегија за земјоделството и руралниот развој за периодот 2021–2027 година.
Поддршката за органското производство е повисока за 30% од висината на дирекните плаќања за конвенционалното производство за фуражни култури, за 50% кај полјоделските култури, сточарството и пчеларството, за 70% за овоштарството и лозарството и за 100% кај градинарството.  Дополнително, финансиски  се подржува и преработувачкиот сектор – преку поддршка за преработка на органски производи и органски производи во преод од домашно сточарско и растително потекло, во износ од 10% од вредноста на произведените и продадени производи, но не повеќе од 150.000 денари по оператор и 30.000 денари по сертифициран органски производ од растително и сточарско производство, за не повеќе од пет сертифицирани органски преработени производи. Исто така, се обезбедува поддршка за трговија и маркетинг на свежи и преработени органски производи и органски производи во преод од домашно потекло во износ од  5% од вредноста на продадените производи, но не повеќе од 150.000 денари по оператор”, велат од Министерството за земјоделство.

Од Министерството додаваат дека покриваат и 50% од трошоците за сертификација на органското производство, односно за добиен сертификат издаден од овласетно тело како и 80% од трошоците за извршени агрохемиски, педолошки или анализи на остатоци од пестициди, тешки метали и другиматериии на почва и во органски производи.

Најголем дел од земјоделските производители во Северна Македонија се регистрирани главно за органско растително производство, со учество од 60% во вкупниот број на регистрирани производители, додека 40 % се во сточарско производство.

Најголем интерес, според големината на органската површина, има за житните култури. Според податоците од Министерството за земјоделство, во земјава има од 1.500 до 2.000 хектари површина со органски житни култури, што претставува 48% удел во органското растително производство. Следуваат фуражните култури, со удел од 22%, кои се значајна категорија за поддршка на органското сточарство.
Овошните насади имаат удел од 19% во органското растително производство. Иако површините со органски овошни насади се намалуваат, органското производство останува стабилно. Министерството нагласува дека во овој сегмент е потребна поголема поддршка за модернизација и извозна логистика, за да се реализира поголемиот потенцијал.
Индустриските, ароматични и лековити растенија имаат мал удел од 1%, но според Министерството тие имаат потенцијал за диверзификација и се погодни за мали и средни инвестиции со извозна перспектива.
Лозовите насади учествуваат со 6% во органското растително производство, а според податоците покажуваат зголемување на површините, што укажува на растечки интерес.
Градинарските култури имаат удел од 4% во органското растително производство, каде Министерството гледа простор за многу поголеми инвестиции.

Најчести култури во органското производство на овошје се јаболки, бадеми и лешници, а лубеници и дињи доминираат во органското производство на зеленчук. Изборот на производите и културите што се произведуваат во голема мера зависи од побарувачката на пазарот и трошоците за производство.

Мерки и поддршка за зголемување на извозот на органски производи


Глобалните и домашните економски настани во последните години, како што се здравствената и енергетската криза, како и високите стапки на инфлација, значително влијаеа врз органското производство.
Македонските производители се соочија со повисоки цени на суровини и намалена побарувачка за органски производи од страна на потрошувачите. Зголемувањето на цените ја намали куповната моќ на потрошувачите и нивната мотивација да плаќаат повисоки цени за органска храна.
Овие трендови се меѓу причините поради кои во периодот 2022-2024 година се забележува намалување на насадите за производство на органско овошје и зеленчук за 24%.

Што се однесува до извозот на органски производи, тој сè уште е релативно мал и најчесто во сурова форма, без додадена вредност. Според Министерството за земјоделство, има мали количини, нестабилна понуда  и неможност за долгорочни договори со ЕУ партнери. Оттаму велат дека државата обезбедува субвенции, кофинансирање и законска усогласеност, но недостигаат силни извозни канали, брендирање и организирање на производителите.

Северна Македонија направи значаен придонес за поддршка на извозот со транспонирањето на Европската регулатива за органско земјоделско производство во нашето национално законодавство. Новиот Закон за органско земјоделско производство претставува значаен исчекор кон целосно усогласување со европските стандарди во областа на органското земјоделско производство. Овој чекор претставува конкретен придонес кон исполнувањето на обврските во рамки на Поглавјето 11 – Земјоделство и рурален развој и потврдува дека нашата земја е подготвена да биде дел од заедничката земјоделска политика на Европската Унија. Со оваа регулатива ги унапредуваме условите за органско производство, ја зајакнуваме довербата на потрошувачите и ја насочуваме земјата кон одржлива и конкурентна иднина”, велат од Министерството за земјоделство.

Бројните предизвици со коишто се соочија земјоделците и компаниите од органскиот сектор, иницираа неопходна потреба за институционална и финансиска поддршка. Како позитивни промени во оваа област се оценуваат најновото зголемување на државните субвенции за производство на органски лешници и бадеми, како и донесување на новиот Закон за органско производство, со кој меѓу другото се олеснува постапката за сертификација на малите земјоделски стопанства преку воведување на групното сертифицирање.

Дополнително, зголемената побарувачка од странските пазари и сé поголемата примена на моделот на договорно органско производство во земјата  придонесе земјоделците и компаниите повторно да се насочат кон органското производство, наместо кон конвенционалното.
Договорното производство, како сè почест модел во земјоделско производство, им овозможи на земјоделците сигурен откуп, производство според најнови стандарди, примена на современи техники, намалување на трошоците и зголемување на приносот.
Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) преку повеќе сеопфатни активности овозможи поддршка на компании во креирање нови органски производи, техничка надградба на нивното органско производство и пласман на органските производи на домашниот и странскиот пазар. Програмата овозможи и техничка поддршка во процесот на подготовка на новиот Закон за органско производтво.
 
Во рамките на поддржаните проекти, се зголеми капацитетот на локалните производители преку обезбедување насочени обуки, воведување напредни техники на производство и зајакнување на вредносниот синџир. Се подобри квалитетот и продуктивноста на органското одгледување, се промовираше органска и *Bio Suisse сертификација и се поттикна долгорочна одржливост.

Валентина Колар Јовановска, управител на Балкан Биосерт Македонија смета дека за да се обезбеди долгорочна одржливост и на органското производство и на целиот процес на сертификација, фокусот треба да биде на градење на силни и економски одржливи производители, што подразбира не само производство во согласност со органските стандарди, туку и нивна способност за стабилен пласман, подобра организација, здружување каде што е потребно и поголема преговарачка моќ на пазарот.

Во тој контекст, клучно е да се работи на подобрување на пазарниот пристап, поврзување со откупувачитеи преработувачите, како и на зголемување на информираноста и довербата кај потрошувачите”, велат од Балкан Биосерт.

Јовановска потенцира дека во изминатиов период не се зголемувал ниту бројот на извозници, ниту бројот на издадени извозни сертификати – ситуација што предизвикала во јуни 2025 година самите да го повлечат меѓународно овластување поради неможност да се покријат сè повисоките трошоци за меѓународна акредитација.
Балкан Биосерт Македонија, во периодот од 2013 до 2025 година, беше единствено сертификациско тело во Македонија, одобрено од страна на Европската Комисија, за сертифицирање според ЕУ регулативите.
Како причина за слабиот интерес за органска сертификација, Јовановска не го посочува трошокот за сертификација, кој, според неа, не е висок во споредба со регионот, ниту самиот сертификациски процес.

Еден дел од предизвиците се однесува на способноста на производителите да го валоризираат органското производство и да обезбедат стабилен и профитабилен пласман. Во пракса, често се случува органските производи да не ја постигнат својата целосна пазарна вредност, производителите да не го реализираат дополнителниот премиум приход, што директно влијае на економската мотивација на производителите”, објаснува Јовановска.

Другиот дел на предизвиците, според неа, се однесува на пошироки системски проблеми, како различно толкување на мерките и критериумите за субвенционирање, како и динамиката на исплата на субвенциите, што може индиректно да влијае на планирањето и стабилноста на производството.

Успешни примери за органско производство и извоз

Успешните примери во органското производство и извоз, како органски лешник и пиперка, сведочат за подготвеноста на компаниите и на нивните добавувачи да ги прифатат напредните и одржливи производствени техники.

Со поддршка од ИМЕ во исполнувањето на критериумите за извоз на швајцарскиот пазар, Нелкоски Органик, најголем производител на органски лешник во земјава, стана снабдувач на лешници за HALBA/Coop, еден од најголемите синџири на супермаркети во Швајцарија.
Благодарение на поддршката, компанијата ја набави потребната машина за пакување лешници -предуслов за исполнување на барањата на Coop, го поддржа процесот на сертификација на земјоделците, овозможи обука од меѓународни експерти и континуирана агрономска помош за земјоделците.



Порастот на побарувачката за извоз во последните четири години директно влијаеше врз проширувањето на синџирот на снабдување, што резултираше со двојно зголемување на бројот на земјоделци – снабдувачи во 2025 година. Во тек е формирање на центар за калемење, кој за прв пат ќе им овозможи на фармерите да садат калемен лешник, со што значително ќе се намали производните трошоци.

Покрај компаниите со долгогодишно искуство во органското производство, има и компании и земјоделци кои, поттикнати од позитивните примери и искуства, за првпат се одлучија да влезат во органското производство.

Таков пример е компанијата СА-МО БИОНАТУРА, која со поддршката од ИМЕ за прв пат започна со договорно производство на органски пиперки  во пластеници. Инвестицијата опфати професионални оранжерии, кои им беа дадени на земјоделците на петгодишна концесија, со целосна техничка поддршка во текот на целата сезона.


Со интегрирање на напредни технологии, снабдување со премиум садници и обезбедување стручни агрономски совети за програми за заштита на растенијата и ѓубрење, се постигнаа повисоки приноси и подобрен квалитет.


Одгледувањето во пластеници и примената на соодветни агротехнички мерки им овозможија на земјоделците да го удвојат својот принос, истовремено поттикнувајќи ја соработката меѓу ангажираните земјоделци преку подеднакво делење на обврските и приходите.

Како резултат на сеопфатната поддршка, инвестициите во синџирот на добавување, одржливи практики и унапредувањето на производствените процеси, компаниите успеаа да го зајакнат своето присуство на европските пазари како Германија, Австрија, Србија, Швајцарија и Италија, да пристапат кон нови пазари, а паралелно на тоа, да се етаблираат и како препознатлив органски бренд на домашниот пазар.

Што предвидува новиот Закон за органско производство?

Со новиот Закон за органско земјоделско производство, кој произлегува од обврските во процесот на пристапување кон ЕУ, се поставува основа за одржлив развој на органското производство и неговите позитивни влијанија врз животната средина. Законот обезбедува ефективно функционирање на внатрешниот пазар на органски производи и лојална конкуренција, со што им се овозможува на земјоделците да остварат објективен приход, се поттикнуваат  кратки дистрибутивни канали и локално производство.
Истовремено, се зајакнува довербата кај потрошувачите, штитејќи ги нивните интереси и зголемувајќи ја добербата и сигурноста во органските производи.
Законот предвидува олеснување на постапката за сертификација на малите земјоделски стопанства преку новиот систем за групно сертифицирање. Со новиот систем на групна сертификација се намалуваат трошоците за инспекција и за сертификација, како и поврзаните административни оптоварувања, што овозможува поконкурентен пласман на пазарот и обезбедување на еднакви конкурентни услови со субјектите од другите земји.

*Bio Suisse стандардот е швајцарски органски стандард во земјоделството кој поставува строги критериуми за еколошко производство, благосостојба на животните и одржливо управување со ресурсите. Тој оди чекор подалеку од основните органски регулативи, со фокус на целосно еколошки синџир на производство и висока следливост.

ПОВРЗАНИ НАПИСИ:

Иван Шуклев: Интерес за македонското овошје и зеленчук постои, но потребен е поинаков пристап за да го произведеме она што европските пазари го бараат

Fruit Attraction 2025: Македонските производители на овошје и зеленчук со здружен настап на глобалниот пазар

Пазарот за органско овошје и зеленчук ќе порасне за 60% во следните пет години

Швајцарските потрошувачи сè повеќе заинтересирани за македонскиот органски лешник