Вкупните директни странски инвестиции во Македонија во првите три месеци од годинава достигнале 218 милиони евра, што претставува раст од 47% во споредба со истиот период лани, покажуваат податоците на Народната банка.
Најголемиот дел од инвестициите, односно 184 милиони евра, се однесуваат на сопственички капитал и реинвестирана добивка. Сепак, и покрај тоа што оваа ставка има најголемо учество во вкупните инвестиции, таа бележи пад од 35% во однос на првиот квартал минатата година, кога по овој основ во земјава влегле 284 милиони евра.
Обединетото Кралство најголем инвеститор
Гледано по земји, најголем извор на странски инвестиции во првиот квартал е Обединетото Кралство (Велика Британија и Северна Ирска), од каде во македонската економија се влеале 40 милиони евра.
Следуваат:
- Турција со инвестиции од 18 милиони евра,
- Полска со 14 милиони евра,
- Швајцарија со 13,2 милиони евра,
- Луксембург 12 милиони евра,
- Словенија 12 милиони евра
- Холандија 11,35 милиони евра
- Грција 11 милиони евра
- Унгарија 9,8 милиони евра
Најмногу инвестиции во производството
По дејности, најголем дел од странските инвестиции се насочени во производствениот сектор, каде се реализирани инвестиции во од околу 100 милиони евра.
Најголеми инвестиции се евидентирани во:
- производството на моторни возила – 68,3 милиони евра,
- градежништвото – 36,4 милиони евра,
- производството на прехранбени производи – 25,6 милиони евра,
- производството на јаглен и преработката на нафтени деривати – 5,73 милиони евра,
- осигурителниот сектор – 5,64 милиони евра,
- транспортот и складирањето – 4,98 милиони евра.
Податоците покажуваат дека и натаму најголем интерес кај странските инвеститори има за производствените капацитети во земјава, особено во автомобилската индустрија, која останува еден од клучните двигатели на извозот и индустрискиот раст.
Минатата 2025 година, странските инвестиции во Македонија забележаа намалување од 61% во споредба со претходната 2024 година, достигнувајќи 468 милиони евра.
ПОВРЗАНИ НАПИСИ:
























