Цената на нафтата се приближи до 100 долари за барел во Лондон, откако јеменските Хути, поддржани од Иран, нападнаа два саудиски танкери во Црвеното Море. Новата ескалација на конфликтот на Блискиот Исток ги зголеми стравувањата од дополнителни нарушувања во глобалното снабдување со нафта.
Хутите соопштија дека испукале ракети и беспилотни летала кон бродовите во рамките на најавената блокада на саудиските пристаништа. Новонастанатата ситуација би можела да ги принуди купувачите во Индија и во други делови од Азија да разгледаат алтернативни, подолги и поскапи транспортни рути, пишува Bloomberg.
Нападите во Црвеното Море отвораат нов фронт во повеќемесечниот регионален конфликт и дополнително го загрозуваат транспортот на нафта од Персискиот Залив, во време кога непријателствата меѓу САД и Иран повторно се засилуваат.
Особено загрижувачки е ризикот за рутата преку Црвеното Море, која Саудиска Арабија ја користеше како алтернатива за одржување на извозот во услови на нарушен сообраќај низ Ормускиот Теснец. Нејзиното загрозување може дополнително да го ограничи снабдувањето и да го засили притисокот врз глобалните цени.
Дополнителна неизвесност создаваат проблемите со извозот од Казахстан поради последиците од војната меѓу Русија и Украина, во период кога светските резерви веќе се под притисок од повеќемесечните конфликти.
Фјучерсите на Брент накратко се искачија над 99 долари за барел, откако претходно достигнаа шестнеделен максимум. Со тоа, растот на цената од почетокот на месецот достигна околу 36%.
Расте ризикот од поширок конфликт
Тензиите во регионот дополнително се зголемија во последните денови. Иран нападна бродови во Ормускиот Теснец, додека САД продолжија со нападите врз Иран и повторно воведоа блокада на неговите пристаништа. Техеран возврати со напади врз американските сојузници во регионот.
Аналитичарите предупредуваат дека продолжувањето на непријателствата може повторно да ги однесе цените на нафтата над 100 долари за барел и дополнително да ја загрози енергетската инфраструктура.
„Втората рунда од воениот конфликт ќе биде поширока од првата. Ризиците се големи, не само за транспортот, туку и за енергетската инфраструктура“, изјави Боб Мекнали, претседател на Rapidan Energy Group и поранешен функционер во Белата куќа, за Блумберг.
И покрај зголемените ризици, два танкери во кинеска сопственост продолжија да се движат низ регионот. Според податоците за следење на бродовите, едниот веќе минал низ Баб ел Мандеб во Црвеното Море, додека другиот се движи по истата рута.
Во меѓувреме, Вашингтон и Техеран ја намалија можноста за обновување на мировните преговори, што ги зголемува стравувањата од подолготраен конфликт и дополнително затегнување на пазарот на нафта. Американскиот претседател Доналд Трамп упати нови закани за напади врз иранската инфраструктура и врз објекти поврзани со нуклеарната програма на земјата.
Дополнителен притисок доаѓа и од Казахстан, кој беше принуден да ги запре испораките на сурова нафта до својот главен извозен терминал на рускиот брег на Црното Море, по серијата напади со беспилотни летала врз танкери.
Комбинацијата од ескалацијата на Блискиот Исток, ризиците за клучните поморски рути и проблемите со извозот од други големи производители ја зголемува неизвесноста на пазарот и ризикот цената на нафтата повторно да ја надмине границата од 100 долари за барел.oup и поранешен функционер во Белата куќа.


























