Побарувачката за електрични автомобили го поддржа пазарот на автомобили во Европската Унија во првата половина од оваа година, при што регистрациите на сите видови автомобили се зголемија за 5,7% на годишно ниво на 5,89 милиони возила, соопшти денеска Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).
Здружението, кое ги претставува 16-те најголеми производители на автомобили во Европа, соопшти дека регистрациите на целосно електрични возила во ЕУ се зголемиле за 40,5% на 1,22 милиони во првата половина, додека регистрациите на plug-in хибридни возила се зголемиле за 22,5% на 577.735.
Податоците на ACEA, исто така, покажуваат дека кинеските брендови бележат силен раст на пазарот на ЕУ, со пораст од 526,7% во регистрациите на Leapmotor во првата половина, пораст од 268,7% за Chery и пораст од 168,2% за BYD.
Спротивно на тоа, продажбата на автомобили опремени со бензински мотори се намалила за 17,2% во првата половина на 1,309 милиони, додека продажбата на дизел автомобили се намалила за 16,5% на 439.592.
Што се однесува до главните пазари на автомобили во ЕУ, во Германија, продажбата на автомобили се зголеми за 5,8% во првата половина, додека зголемувањето беше значително поголемо во Италија, со зголемување од 9,5%. Шпанскиот пазар на автомобили регистрираше зголемување од 5,2%, а во Франција, регистрациите се зголемија за 1,8%.
Меѓу главните генерални производители, германската групација Фолксваген забележа зголемување на продажбата од 2,6% во првата половина, до 1,559 милиони автомобили. Стелантис, матичната групација на Фиат, Пежо и Опел, забележа зголемување од 6%, додека регистрациите на групацијата Рено се намалија за 4,2%. Регистрациите на Дачија во ЕУ се намалија за 8,8% во првата половина, на 262.511 единици.


























