Продажбата на автомобили во Европа бележи раст осми месец по ред. Високите цени на горивата поттикнуваат купување на електрични автомобили и хибриди.

Во септември, во Европа беа регистрирани 1,36 милиони нови патнички автомобили, што претставува зголемување од 10 %о во споредба со претходната година. Само во Европската унија, бројот на регистрации се зголеми за 9,3%, достигнувајќи 971.000, покажува најновиот извештај на Европската асоцијација на производители на автомобили (ACEA).

Ова е осми месец по ред во кој се бележи раст на продажбата. Побарувачката е поттикната од скапиот бензин и дизел кои ги прават електричните возила попривлечни за купувачите, а владините стимулации во Франција и Германија дополнително ја зголемуваат нивната атрактивност.

Регистрациите на електрични автомобили во Европа се зголемија за 59,9%, на „плаг-ин“ хибридите за 24%, а на обичните хибриди за 5,3%. Заедно, овие возила сочинуваат 76,2% од сите регистрации на нови автомобили. Регистрациите на автомобили на бензин се намалија за 20,6%, а на оние на дизел за 28,2 %.

Кинеските брендови го зголемуваат својот удел на европскиот пазар

Кинеските производители ја продолжуваат својата експанзија. Продажбата на „Chery“ е речиси тројно зголемена, додека кај „BYD“ е двојно зголемена. „Geely“ ја зголеми продажбата за 33 %, а „SAIC“ за 23%. Заедничкиот пазарен удел на овие четири кинески компании се зголеми на 14,6%, од 9,6%претходната година.

Во истиот период, регистрациите за германскиот „Volkswagen“ се намалија за 2,9%, а за францускиот „Renault“ за 0,7%. Италијанско-американската групација „Stellantis“ забележа раст од 4,5%. Заедничкиот пазарен удел на овие три компании се намали на 43,7%, од 48,4% претходната година.

Во септември, бројот на регистрации на патнички автомобили во ЕУ го достигна највисокото ниво во последните три месеци. Растот на продажбата се забрза во споредба со август, кога изнесуваше 4,5%. Четирите најголеми пазари во ЕУ забележаа значителен раст: 9% во Германија, 11,6% во Франција, 9,8% во Италија и 10,2% во Шпанија.

Хибридните возила се најпопуларни од почетокот на годината

Во текот на првите девет месеци од 2026 година, бројот на регистрирани нови автомобили во ЕУ се зголеми за 5,7%, и покрај предизвикувачките услови. Хибридните автомобили беа најпопуларниот избор во овој период, сочинувајќи 36,3% од продажбата.
Електричните автомобили учествуваа со 22,7%, а „плаг-ин“ хибридите со 10,1% од продажбата. Заедничкиот пазарен удел на автомобилите на бензин и дизел падна на 28,2%, од 36,9% една година претходно.
Во текот на првите девет месеци од годината, регистрирани се 3,09 милиони хибридни автомобили, 1,93 милиони нови електрични автомобили и 860.200 „плаг-ин“ хибриди. Бројот на регистрирани автомобили на бензин се намали за 19,1%, на 1,8 милиони, додека бројот на регистрирани автомобили на дизел се намали за 19,5 %.