Македонија во 2025 година извезла стоки во вредност од околу 8 милијарди евра, додека увозот достигнал 11,5 милијарди евра. Покриеноста на увозот со извозот изнесувала 69,4%, а трговскиот дефицит достигнал околу 3,5 милијарди евра.

Анализата на ИЗВОЗ.МК, базирана на податоците на Државниот завод за статистика за стоковната размена по земји, покажува дека Македонија минатата година тргувала со вкупно 147 земји.

Со 95 земји бил остварен трговски дефицит, односно вредноста на увезените стоки била поголема од вредноста на извезените. Наспроти тоа, со 52 земји Македонија остварила трговски суфицит, односно поголем извоз од увоз.

Велика Британија – најголем дефицит поради увозот на платина

На врвот на листата е Велика Британија, со трговски дефицит од околу 1,3 милијарди евра. Во 2025 година Македонија извезла стоки во Велика Британија во вредност од околу 115 милиони евра, додека увозот од оваа земја достигнал приближно 1,33 милијарди евра.
Најголемиот дел од увозот од Велика Британија, односно околу 1,1 милијарда евра, отпаѓа на платината. Овој благороден метал, кој има исклучително висока пазарна вредност, се користи во производството на автомобилски катализатори во фабриката на Џонсон Мети (Johnson Matthey) во Македонија, компанија со британски капитал.
Платината има важна улога во намалувањето на штетните емисии од моторите со внатрешно согорување. Нејзината висока вредност значително влијае врз статистичката вредност на македонскиот увоз, но и врз вредноста на извозот на готовите производи во кои се вградува. Џонсон Мети е истовремено и најголем извозник од Македонија кој создава речиси 20% од македонскиот извоз.

Кина – дефицит од 1,2 милијарди евра и широк спектар увезени производи

Втор најголем трговски дефицит Македонија во 2025 година имала со Кина, во износ од околу 1,2 милијарди евра. Македонскиот извоз на кинескиот пазар изнесувал само 54,5 милиони евра, додека увозот од Кина достигнал 1,27 милијарди евра.
За разлика од Велика Британија, каде што во увозот доминира платината, увозот од Кина опфаќа исклучително широк спектар производи.
Од кинескиот пазар лани се увезувале машини и опрема, мобилни телефони, компјутери, железо и челик, мебел, играчки, обувки, облека и бројни други производи.
Големата разлика меѓу увозот и извозот укажува на силната зависност од кинески производи, но и на ограничениот пласман на македонски производи на овој огромен пазар.

Грција – нафтените деривати го создаваат најголемиот дел од дефицитот

Грција е третата земја со која Македонија во 2025 година имала најголем трговски дефицит, во износ од околу 675 милиони евра.
Македонскиот извоз во Грција изнесувал 261 милион евра, додека увозот достигнал 937 милиони евра. Најголемиот дел од увозот од Грција отпаѓа на нафтените деривати, чија вредност минатата година надминала 542 милиони евра.
Покрај нафтените деривати, од Грција се увезувале и електрична енергија, железо и челик, овошје, преработки од овошје и зеленчук и други производи.
Овие податоци покажуваат дека енергетската зависност има значително влијание врз трговскиот биланс на Македонија со јужниот сосед.

Турција – голем увоз на метали, машини и производи за широка потрошувачка

Четвртиот најголем трговски дефицит Македонија го остварила со Турција, во износ од околу 630 милиони евра. Во 2025 година на турскиот пазар биле извезени македонски стоки во вредност од 130 милиони евра, додека увозот од Турција достигнал 760 милиони евра.
Најголема поединечна категорија во увозот од Турција биле железото и челикот, со вредност од околу 137 милиони евра.
Значителен бил и увозот на машини, апарати за домаќинство, алуминиумски производи, облека, средства за хигиена и други производи.

Србија – петти најголем трговски дефицит

Србија е петтата земја на листата, со трговски дефицит од приближно 295 милиони евра. Во 2025 година Македонија извезла стоки на српскиот пазар во вредност од околу 460 милиони евра, додека увозот од Србија достигнал приближно 752 милиони евра.
Во структурата на увозот од Србија се издвојуваат изолирани жици, електрична енергија, рафиниран бакар, пластични маси, вода, млеко и млечни производи, кондиторски производи, брашно и други прехранбени и индустриски производи.
Иако Србија е еден од значајните регионални пазари за македонските производи, вредноста на увозот од оваа земја останува значително повисока од извозот.

Кои други земји се меѓу најголемите извори на трговски дефицит?

Според анализата на ИзвозМК, меѓу десетте земји со кои Македонија има најголем трговски дефицит се и:

  • Италија – 285 милиони евра
  • Полска – 185 милиони евра
  • Јапонија – 116 милиони евра
  • Индија – 105 милиони евра
  • Франција – 87 милиони евра

На листата понатаму следуваат Бугарија со дефицит од 82,3 милиони евра, Виетнам со 75,1 милион евра, Обединетите Арапски Емирати и Египет со по околу 69 милиони евра, Португалија со 63 милиони евра, Тајланд со 61,6 милиони евра и Малезија со 61,1 милион евра.

Што покажува трговскиот дефицит?

Трговскиот дефицит е важен индикатор за структурата и конкурентноста на една економија, но сам по себе не значи дека економијата е слаба или дека има проблем. Многу поважно е структурата на трговскиот дефицит.
Македонија е високо зависна економија и голем дел од суровините и енергенсите потребни на индустријата се од увоз, како нафта, гас, електрична енергија, метали и други суровини…
Силната интегрираност во европските производствени синџири наметнува увоз на скапи делови и суровини наменети за производство за извоз.
Сепак, големата разлика меѓу увозот и извозот со повеќе трговски партнери, како и растечкиот увоз на готови производи и производи за широка потрошувачка, го отвора прашањето за потребата од јакнење на домашното производство и зголемување на додадената вредност што се создава во македонската економија.

За Македонија не е најважно да увезува помалку, туку да произведува поконкурентно, да извезува производи со повисока вредност и да задржува поголем дел од создадената вредност во домашната економија.

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

Во кои земји Македонија повеќе извезува отколку што увезува?

Стануваме сè позависни од увоз на храна: Увезуваме двојно повеќе отколку што извезуваме