Македонскиот извоз во септември забележа значителен раст од 26,2% во споредба со истиот месец минатата година, достигнувајќи вредност од 884 милиони евра. Истовремено, увозот порасна за 7,3 %, на една милијарда евра, со што покриеноста на увозот со извоз достигна високи 85,9 %.
Значително побрзиот раст на извозот во однос на увозот придонел за подобрување на трговскиот биланс и зголемување на покриеноста на увозот со извоз. Трговскиот дефицит во септември годинава изнесувал 145 милиони евра, што е намалување од 108 милиони евра или 74% во споредба со трговкиот дефицит во септември лани, кога изнесувал 253 милиони евра.
Германија останува најголем извозен пазар, силен раст во Грција и Белгија
Германија и во септември останува најголемиот извозен пазар за македонските компании, со реализиран извоз од 232 милиони евра, и покрај падот од 7,2 % во споредба со истиот месец минатата година. Намалениот извоз кон Германија го намали и учеството на извозот во оваа земја на 30% во вкупниот извоз.
На второто место се искачи Грција, каде што извозот забележа раст од дури 336%, достигнувајќи речиси 99 милиони евра. Растот на извозот во Грција најмногу се должи на зголемениот извоз на тутун, мермер и железои челик
Следува Србија со извоз од 69 милиони евра и раст од 50% во септември. Зголеменото производство на Stelantis во фабриката во Крагујевац во Србија, го зголеми и извозот на катализатори, кои се најизвезуван производ во Србија во септември и првите девет месеци годинава. Раст има и кај извозот на кабелски сетови за автомобилска индустрија.
Унгарија е четврти најголем извозен пазар со 53 милиони евра, што претставува зголемување од 53,5 %, благодарение на поголемиот извоз за автомобилските фабрики на германските автомобилски брендови.
Значителен раст е забележан и во извозот кон Косово, кој достигна 52,4 милиони евра, односно 60,8% повеќе во однос на септември минатата година. Најголем скок кај извозот во Косово се бележи кај извозот на нафтени деривати.
Меѓу десетте најголеми извозни пазари се и Бугарија со 45,8 милиони евра и раст од 18,1 %, Полска со 34 милиони евра (+13,3 %), Чешка со 23,3 милиони евра (-1,2%), Белгија со 21,6 милиони евра (+346%) и Словачка со 21 милион евра (+39 %).
Најголем процентуален раст на извозот во септември е регистриран кон Белгија и Грција, со зголемување од 346, односно 336 %.
Извозот за девет месеци достигна 6,6 милијарди евра
Позитивните движења во надворешнотрговската размена се забележуваат и во кумулативните податоци за периодот јануари–септември.
Вкупниот извоз на стоки во првите девет месеци од годинава достигна 6,6 милијарди евра, што претставува раст од 10,8 отсто во споредба со истиот период минатата година. Во истиот период увозот изнесувал 9,1 милијарда евра, со годишен раст од 7,9 отсто.
Трговскиот дефицит достигнал 2,56 милијарди евра, што претставува благо зголемување од 1,89 отсто на годишно ниво во споредба со истиот период лани.
Сепак, покриеноста на увозот со извозот се подобрила и во првите девет месеци достигнала 72,1 %, наспроти 70,4% во истиот период минатата година.
Полска со најголем раст на извозот од почетокот на годината
Анализата по земји покажува дека во периодот јануари–септември најголем раст на македонскиот извоз е остварен кон Полска, каде што е забележано зголемување од 108 %. Растот на извозот на Полска во најголем дел се должи на поголемиот извоз на благородни метали и платина, која се користи за производство на катализатори за автомобили.
Следуваат Грција со раст од 33,7% и Турција со 26,6%.
Извозот кон Германија, која останува најзначајниот трговски партнер на Македонија на извозната страна, во првите девет месеци забележал умерен раст од 1,3%.






















