ИНТЕРВЈУ
АЛЕКСАНДАР ГЕЧЕВ, генерален менаџер на ИГМ ТРЕЈД
Како најголем извозник од металната индустрија во рангирањето „Топ 100 Извозници“, ИГМ-Трејд се наоѓа на првата линија на удар од новите европски трговски и еколошки регулативи. Воведувањето на CBAM, намалувањето на увозните квоти и зголемувањето на царините за увоз на челик во ЕУ, создаваат сериозни предизвици за македонските производители. Во ексклузивно интервју за едицијата “ТОП 100 ИЗВОЗНИЦИ 2025″, генералниот менаџер Александар Гечев зборува за стратегиите на компанијата за адаптација, потребата од државна поддршка, инвестициите во зелени технологии и визијата за рамноправна индустриска интеграција на Македонија во европскиот економски простор.
Како ИГМ-Трејд очекува да ја заврши 2025 година? Кои се стратешките приоритети на компанијата за 2026 година, и какви се прогнозите и плановите за приходите од продажба, извозните активности и финансиските резултати?
Гечев: На ниво на Македонија, очекуваме раст на физичкиот обем од 10% во 2025 година во споредба со 2024, но тој сè уште е понизок од реализацијата во 2018 година — пред воведувањето на квотите за увоз на челик во Европската Унија. Нашиот одговор на оваа трговска бариера беше инвестиција во производствен погон во Словенија, со што успеавме не само да ги надоместиме, туку и да ги надминеме изгубените извозни количини од Македонија.
Како резултат на оваа стратешка адаптација, во 2025 година постигнавме историски најдобар резултат во работењето на ниво на целата групација.
Првиот приоритет е влезот во сегментот на рамновалани челични производи, преку пуштање во работа на нова фабрика за пластифицирани котури со капацитет до 100.000 тони годишно и проектиран годишен приход од околу 100 милиони евра. Оваа инвестиција го позиционира ИГМ-Трејд како единствен производител во регионот со целосна вертикална интеграција, при што над 90% од производството ќе биде наменето за извоз на пазарите во Европската Унија.
Финалниот производ, со највисок степен на додадена вредност, се користи во градежната индустрија (трапезни профилирани лимови, изолациони сендвич панели) и во индустријата за бела техника (машини и апарати за домаќинство).
Вториот стратешки приоритет е развојот на индустриски недвижности преку изградба и управување со индустриски паркови, наменети за привлекување странски директни инвеститори. Меѓу нив се OEM производители од автомобилската индустрија, производители на енергетски кабли и компании од индустријата за преработка на тутун — кои веќе подолг период работат под закуп во нашите објекти.
Овој сегмент обезбедува стабилен, долгорочен приход и придонесува кон создавање реален индустриски екосистем во регионот. Паралелно, преку своите фирми-ќерки, ИГМ-Трејд гради индустриски недвижности и во Петрич (Бугарија), Ковин (Србија) и Шентјур (Словенија), во улога на гринфилд инвеститор и како прва мултинационална компанија од Македонија.
Третиот стратешки приоритет опфаќа инвестиции во секторот на обновлива енергија. ИГМ-Трејд веќе управува со кровна фотоволтаична централа со капацитет од 45 мегавати — една од најголемите од овој тип во Европа. Дополнително, компанијата развива два нови проекти за фотоволтаични централи на земја со вкупен капацитет од 150 мегавати, како и батериски систем за складирање електрична енергија со капацитет од 36 мегават-часови.
Со овие инвестиции, ИГМ-Трејд ја заокружува својата визија за одржлива, енергетски независна и технолошки напредна индустриска групација.
Новите квоти и царини силно ќе погодат македонската метална индустрија
Колку ИГМ Трејд и македонската металопреработувачка индустрија ќе бидат погодени од намалувањето на увозните квоти и зголемувањето на царините за увоз на челик во ЕУ? Како промените во царинските и трговските политики на ЕУ и САД влијаат врз конкурентноста на македонските челични и метални производи?
Гечев: Новите правила во рамките на европската регулатива за заштита на челикот носат сериозни последици за македонската метална индустрија. Главните мерки се намалување од 50% на увозните количини ослободени од царина, и зголемување на царинската стапка на 50% (од досегашните 25%) при надминување на квотите.
Дополнителни, исто така многу штетни мерки се неможноста за пренесување на неискористени квоти во нареден квартал или година, како и губењето на преференцијалниот статус на земја во развој.
Македонскиот извоз во ЕУ е застапен во повеќе групи: 4, 5, 7, 12, 20, 21 и 26, а најпогодени се следните производи: поцинкувани котури, пластифицирани котури, топловалани “кварто“/дебели лимови, топловалани шипки и секции, заварени округли цевки, заварени квадратни и правоаголни шупливи профили, заварени округли цевки со голем дијаметар.
Во овие сегменти, македонските производители оствариле заеднички извоз од 452 милион евра во 2023 година, што престставува пад од 12,4% во однос на 2022 година, кога вкупниот извоз изнесувал 516 милиони евра.
Уште подраматично е тоа што извозот бележи континуиран пад во периодот 2019 до 2024 година, достигнувајќи ја најниската колиличина од 523.000 тони и најниската вредност од 385 милиони евра во 2024 година. (едицијата Топ100 ивозници на Извоз.Мк; Државен завод за статистика).
За ИГМ-Трејд, новите квоти значат намалување на годишните извозни количини и приходи за 40%, што претставува директен удар врз основната економска структура на компанијата. Во бројки ова значи изгубени количини од 65.000 тона/годишно, што со денешни цени одговара на нереализирани приходи од 42 милиони евра. Воведувањето на новите квоти и примената на CBAM ќе резултира со раст на цените во ЕУ од 150 еур/тон – од сегашните 650 евра/тон на 800 евра/тон, почнувајќи од 1ви јануари 2026 година.
Со тоа, изгубените приходи на ИГМ-Трејд во 2026 година би се искачиле на 52 милиони евра годишно. Нашата компанија нема алтернативни пазари со сличен обем, платежна способност и стабилност — што значи дека загубата на ЕУ пазарот е фактички ненадоместлива.
Најцрното сценарио, кое исто така е возможно, е целосно губење на европските продажби — и покрај достапноста на новата европска квота за македонските челични производи. Тоа би се случило доколку дојде до укинување на постоечките државни квоти и воведување на количински праг во рамките на заедничка глобална квота. Таквиот модел би создал трка за извоз по принципот „прв дојден, прв услужен“, што оди во прилог на извозниците со пристап до море, кои во најголемите европски пристаништа (Ротердам, Антверпен, Џенова, Констанца) оцаринуваат одеднаш бродски количини од неколку десетици илјади тони уште на првиот ден од отворањето на квотата.
Македонскиот извоз, кој традиционално се врши преку камионски транспорт и се пласира директно кај крајните корисници, не би можел да функционира во таков шпекулативен, опортунистички и заробен пазар — што е на штета и за преработувачите и корисниците на челик во ЕУ, од каде што не стивнуваат реакциите на незадоволство.
Во рамките на Европската унија постои силен отпор кон политичкото лоби на производителите на челик и воведувањето на протекционистички и политички мотивирани мерки. Таквите пристапи се во спротивност со основните начела на Унијата како „Фукујамски проект“ — односно прогласувањето на крај на познатата историја преку победа на најразвиениот политички и општествен модел на либерална демократија. Овој модел се темели на владеење на правото, управување преку глобални институции (на пр., Светската трговска организација), демократски универзализам и морална мисија за проширување кон Истокот преку извоз на демократија, етика и еколошки стандарди — со цел цивилизирање и интегрирање на други актери.
Во овој контекст, нашата држава уште во далечната 2004 година ја потпиша Спогодбата за стабилизација и асоцијација со Европската заедница, која по својата природа и содржина претставува договор за слободна трговија меѓу ЕУ и Македонија. За споредба, Србија ја потпиша истата спогодба дури во 2013 година и, во споредба со Македонија, има помала усогласеност со ЕУ во однос на царинските правила, надворешната политика, прашањата со санкции, како и помал удел на ЕУ во вкупниот извоз.
Сепак, сето тоа не го спречува државниот врв на Србија јавно да бара од Европската комисија целосно изземање на Србија од новите мерки — што, во најмала рака, отвора дискусија за подобрување на нивните позиции, и повторно создава ризик од заостанување на Македонија.
Македонија не е конкурент на Европската Унија, туку нејзин индустриски сојузник — и таа улога треба да биде препознаена и заштитена во идните трговски политики.
Со оглед на горенаведеното, би го поставил прашањето: дали е сега вистинскиот момент повторно да се актуализира темата за приклучување на Македонија кон Европската економска зона (ЕЕЗ), како некој вид на отскочна даска на патот кон полноправно членство во Европската Унија?

Како воведувањето на CBAM од страна на ЕУ ќе влијае врз вашиот извоз? Дали компанијата веќе има воведено систем за пресметка и известување на емисиите на CO₂?
Гечев: CBAM негативно ќе влијае врз извозот и ќе предизвика нарушувања кај сите учесници на пазарот. Станува збор за обемен бирократски систем кој е невозможно да се администрира во пракса. Ние во ИГМ веќе воспоставивме систем за целосна следливост на емисиите, но законската рамка за CBAM сè уште содржи недоречености, поради кои е невозможно да се формира прецизна пресметка за трошокот.
Конкретно за челичната индустрија, никој не знае точно дали надоместот ќе изнесува 50 евра/тон или 100 евра/тон челик. Законодавците во ЕУ постојано ги одложуваат роковите за целосно објавување на формулите за пресметка, што создава дополнителна неизвесност и поттикнува шпекулации на пазарот.
Државите без сопствени ЕТС-берзи за емисии, како што е Македонија, ризикуваат да бидат оданочени според фиксни „default“ вредности — што создава контрадикторност и се губи стимулот за активно управување и намалување на емисиите на CO₂.
Декарбонизацијата бара домашна „зелена“ железара
Дали планирате инвестиции во модернизација на производството и „зелени технологии“ (филтри, нови печки, рециклирање)? Дали државата треба да понуди поддршка за компаните погодени од CBAM и пошироко за трансформација на челичната индустрија?
Гечев: Македонскиот челик е своевиден индустриски бренд со кој треба да се гордееме. Тој претставува индустрија со исклучително богата историја и традиција во нашата држава. За разлика од некои понови индустрии кои влегоа по 2006 година, челичната индустрија е капитално интензивна, карактеризирана со тешка машинерија и инфраструктура која генерира значајни даночни приходи за државата и општините, има силен мултипликативен ефект и обезбедува голем број директни и индиректни вработувања.
Затоа, Владата треба да ја прогласи металната индустрија за стратешка гранка од посебно значење и да учествува во отворен и партнерски дијалог со компаниите од овој сектор. Декарбонизацијата на металната индустрија е скап и долгорочен процес, но носи придобивки не само за компаниите, туку и за граѓаните на Македонија.
Конкретно кај ИГМ, најголемиот дел од емисиите потекнува од репроматеријалот — топловалана трака во котур. За целосно „озеленување“ на производот, потребна е целосна супституцција на увозниот репроматеријал со домашен рамновалан челик, произведен во домашна „зелена“ железара преку рециклирање на отпадно железо.
Со напредокот на технологиите, овие железари се компактни и еколошки, со годишен капацитет од 700.000 до 800.000 тони, каде што со релативно помала капитална инвестиција, повторно би било економично да се произведува зелен челик, кој би имал голема предност во однос на CBAM и би се извезувал со „зелен премиум“ на европските пазари.
Поддршката од државата треба да се насочи кон обезбедување урбанизирани локации со потребни дозволи и инфраструктурно опремување — по примерот на ТИРЗ — но со намена за металургија и енергетика. Ова не треба целосно да биде на товар на инвеститорите, бидејќи станува збор за исклучително макотрпен процес.
ПОВРЗАНИ НАПИСИ:
“Нечистото” производство на струја во земјава ќе ја намали конкурентноста на македонските извозници
Србија го усвои Законот за национален данок на емисии на гасови
Извозот на железо и челик од Македонија на најниско ниво во последните седум години
ЕУ подготвува нови правила за јаглеродниот данок: Можно е проширување на производите



























