Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, изјави дека не очекува проблеми во снабдувањето со гас, откако Советот на ЕУ вчера постигна договор за преговарачката позиција на земјите членки во врска со Предлог-регулативата за прекин на увозот на руски енергенси.
На новинарско прашање, Божиновска рече дека до 2027 година треба да биде завршен гасоводот со Грција и дека на ниво на ЕУ ќе се бара алтернативно решение.
„Тоа важи за краткорочните договори, колку што ми е познато, но бидејќи е предвидено да започне од 1.1.2027 година, мислам дека ќе има уште подобрувања. За долгорочните договори нема влијание. Македонија троши околу 500 илјади метри кубни гас, што не е голема количина. За 2027 година веќе работиме на гасоводот со Грција, кој дотогаш треба да биде готов. Не очекувам проблеми, бидејќи ова прашање ќе се решава на европско ниво – сите земји што нема да можат да обезбедат снабдување ќе бараат алтернативи.
Во Брисел ќе се водат разговори и ќе се најде решение,“ рече Божиновска, одговарајќи на прашањето дали Македонија треба да биде загрижена поради новата одлука на ЕУ за забрана на транзит на европски гас, со оглед на тоа што терминалот во Александрополис сè уште не функционира.
Таа потенцираше дека дури и во случај гасоводот да не биде завршен, а терминалот во Александрополис да не проработи, нема причина за загриженост и дека земјата нема да остане без гас.
„Ќе има решение на ниво на ЕУ. Секако, никој нема да нè остави без гас, бидејќи тоа е прашање што ги засега сите земји во Европа. Ние сме многу мали во однос на потрошувачката на другите држави,“ додаде министерката.
Македонија плаќа 250.000 евра месечно за терминалот во Александрополис
Божиновска потврди дека државата уредно ги плаќа фактурите за годишен закуп на капацитет во новиот терминал во Александрополис, иако тој не е во функција.
„Можам да ги прашам колегите од ЕСМ, но колку што знам, терминалот не работеше, а ние ги плаќаме фактурите. Поднесени се кривични пријави, но немаме информација дека нешто е процесуирано. Се плаќаат 250.000 евра месечно. Тоа е договор склучен на 15 години и мора да се почитува,“ рече Божиновска.
Како што посочи, времето ќе покаже дали се плаќа залудно.
„Тоа допрва треба да се утврди. Засега плаќаме за нешто што не можеме да го користиме, ниту ќе го користиме годинава. Ангажирани се правни служби кои работат на тоа. Според потпишаниот договор, не постои можност за раскинување,“ додаде таа.
Советот на ЕУ вчера постигна договор за преговарачката позиција на земјите членки за Предлог-регулативата за прекин на увозот на руски енергенси, откако документот беше одобрен со големо мнозинство од комитетите за индустрија, истражување и енергетика, како и за меѓународна трговија на Европскиот парламент.
Целта на Регулативата е да се стави крај на зависноста на Европската унија од руските енергенси и да се спречи Русија во иднина да ги користи гасот и нафтата како средство за политички притисок.
Според предложената регулатива, од 1 јануари 2026 година ќе започне постепена забрана за увоз на руски енергенси, а од 1 јануари 2028 година ќе следи целосна забрана за увоз на природен гас и течен природен гас (ЛНГ) од Русија. Во преодниот период ќе биде дозволен увоз само за договори склучени пред 17 јуни 2025 година – до 17 јуни 2026 година за краткорочните договори и до 1 јануари 2028 година за долгорочните.