И покрај солидниот капацитет на трите пакети економски мерки за апсорбирање на економските последици од корона-кризата, остануваат неколку клучни области за делување чиј фокус е средниот до долгиот рок, сметаат од Finance Think. Според нив тоа се реализацијата на капиталните инвестиции и поддршката на извозно-ориентираните компании.
“И покрај најавата за поголем интензитет на извршување на капиталните инвестиции, проблемите сврзани со нив од претходните 2-3 години укажуваат дека без системско решение за планирање, приоритизирање, техничка подготовка и ефикасна реализација, интензивирање на капиталните инвестиции ќе биде скоро невозможно во тековниот конктест. Владата пропушти добра шанса во претходната година да го смени моделот на планирање и извршување на капиталните инвестиции”, велат од Finance Think.
Што се однесува до извозно-ориентираните компании, од Finance Think укажуваат дека и покрај повисоката претпоставена издржливост на овие компании на шокот од кризата, тие не смеат да бидат надвор од вниманието на носителите на политиките, особено во поглед на нивниот потенцијал преку прилагодувања и брзи преструктуирања да освојат нови пазари кои претходно биле опслужувани од компании лоцирани на подалечни пазари (првенствено во Југоисточна Азија) или да бидат поттик за прилив на нови инвестиции.
“Сите мерки кои ја подобруваат конкурентноста на македонската економија се добредојдени и тие може да се важни за среднорочната фаза од заздравувањето. Меѓутоа, нивното ад-хок и директно поврзување со тековната корона-криза, како и наметнување без издржана кост-бенефит анализа и поширока општествена дебата, може да ги отвори прашањата за нивната ефикасност и оправданост на фискалниот трошок”, велат од Finance Think.
И покрај тоа што реакцијата не беше доволно брза согласно на иницијалните очекувања, и покрај тоа што Владата корегираше одредени свои решенија во повеќе наврати, како и покрај тоа што не беа презентирани доволни или доволно убедливи информации за опфатот и трошокот на мерките, сепак објавените три пакети економски мерки се целосно во линија со укажувањата и предлозите од Finance Think, кои беа во насока дека економските мерки треба да обезбедат ликвидност во економијата со цел компаниите да може да исплаќаат плати, работниците да може да располагаат со минимум средства за живот, останатите граѓани да продолжат непречено да ја добиваат социјалната заштита, а буџетот непречено да го финансира здравствениот и безбедносниот сектор.