Центарот за трансфер на технологии и иновации ИНОФЕИТ, координатор на Европскиот дигитален иновациски хаб ИНОФЕИТ ЕДИХ и Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ, потпишаа Меморандум за соработка со цел унапредување на дигиталната трансформација на микро, мали и средни претпријатија (МСП) во Република Северна Македонија.
Со овој Меморандум се воспоставува рамка за активности кои ќе им помогнат на компаниите да станат поконкурентни, поиновативни и поефикасни преку тестирање пред инвестирање, обуки и развој на дигитални вештини, пристап до финансии и вмрежување во севкупниот иновациски еко-систем.
На овој начин ќе се поддржат компании кои сакаат да го унапредат своето знаење и преку дигитализација и иновации да применат нови технологии и да ја зголемат профитабилноста, особено оние кои придонесуваат за одржливост на животната средина и целите на Европскиот зелен договор.
„Нашата цел е да создадеме услови каде компаниите ќе можат да експериментираат, да учат и да растат преку дигитализација и иновации,“ изјави Димитар Ташковски, директор на ИНОФЕИТ ЕДИХ.
„Со оваа соработка, отвораме нови можности за развој на решенија кои придонесуваат за одржливост и конкурентност.“
ИНОФЕИТ ЕДИХ ќе ја предводи соработката преку организација на настани и работилници за зелена и дигитална трансформација, како и преку спроведување обуки и тренинзи за развој на дигитални вештини и компетенции.
Дополнително, ќе обезбедува услуги, опрема и инфраструктура за концептот „Test Before Invest“ за МСП, ќе поддржува пристап до финансии преку поврзување со релевантни институции и програми, и ќе овозможува вмрежување на компании со академски и индустриски партнери за развој на иновативни решенија.
Швајцарската Програма ИМЕ ќе ја надополни оваа рамка преку пренесување на потребите за дигитализација во секторите одржлив агробизнис и одржлив туризам, со посебен фокус на паметно земјоделство и преработка на храна со повисока додадена вредност, како и на одржлив туризам.
ИМЕ ќе ги поврзува компаниите од овие сектори со ИНОФЕИТ ЕДИХ и ќе идентификува заеднички активности за развивање дигитални решенија за нивните предизвици.
Горан Дамовски, директор на Шваjцарската Програма ИМЕ истакна дека: „Агробизнисот и туризмот се два клучни сектори за економијата. Во партнерство, ќе им помогнеме на компаниите да воведат нови дигитални решенија кои ќе им помогнат да ги унапредат процесите, надминат предизвиците и да создадат нова додадена вредност за купувачите.“
Соработката продолжува со развивање на две пилот платформи кои ја демонстрираат практичната примена на дигитализацијата. Во секторот одржлив агробизнис, преку воведување на систем за контрола на квалитет за здружението на производители и извозници на свежо овошје и зеленчук МАКФРЕШ, кој ќе овозможи следливост на производите, како и во секторот одржлив туризам прекуимплементирање на платформа за лојалност во партнерство со приватните бизниси и Општина Крушево, која ќе поттикне редовно пријавување на туристите и плаќање на туристичка такса и ќе придонесе за развојот на одржливиот туризам.
Ваквите иницијативи претставуваат чекор напред во пошироката визија за дигитална трансформација, каде технологијата не е само алатка, туку двигател на економски раст и одржлив развој.
ПОВРЗАНИ НАПИСИ:
Горан Дамовски, IME: На европскиот пат до одржливо земјоделство
Десет македонски компании на престижниот меѓународен саем Fruit Attraction 2025 во Мадрид
