Во август годинава од Македонија сеизвезени стоки во вредност од 568 милиони евра, што претставува пад од 8,7% во споредба со истиот месец лани. Извезените количини се намалени за околу 1%, што упатува на пониски просечни извозни цени, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Во истиот период, увозот достигнал 875 милиони евра, што е зголемување од 2,76% во однос на август 2024 година. Покриеноста на увозот со извоз е намалена на 65%, во споредба со 73,4% во август минатата година.
Како резултат на овие движења, трговскиот дефицит во август е поголем за 34% во споредба со август 2024 година, надминувајќи 306 милиони евра.
Извозот во Германија повторно со голем пад
Загрижува повторниот пад на извозот кон Германија – најголемиот трговски партнер на земјата. Во август, извозот кон Германија изнесувал 222 милиони евра, што претставува 40% од вкупниот извоз. Сепак, тоа е за 50 милиони евра помалку од август 2024 година, односно пад од 18%. Исто толкав е и падот кај обемот на извезени стоки.
Извозот кон Европската Унија во август изнесувал 424 милиони евра, што е пад од 12% на годишно ниво.
Извозот кон земјите од Западен Балкан изнесувал близу 87 милиони евра, што е намалување од 6% во споредба со август лани.
Извозот на храна во август бележи раст од 7,3%. Половина од овој извоз се однесува на зеленчук и овошје, чиишто вредности пораснале за 3,5%, но количините се намалени за 23% во однос на август 2024 година.
Увозот расте побрзо од извозот во првите осум месеци од 2025
Вкупниот извоз во периодот од јануари до август 2025 година изнесувал 5,3 милијарди евра (+1,69%) во споредба со истиот период лани). Вкупен увоз на стоки во истиот период достигнал 7,54 милијарди евра (+2,67%).
Трговски дефицит вопрвите осум месеци изнесувал 2,26 милијарди евра, а покриеноста на увозот со извозот изнесува 70%.