Во периодот од јануари до април 2026 година, од Македонија се извезени 58 илјади тони свеж зеленчук во вредност од 35,3 милиони евра, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Во споредба со истиот период минатата година, извезените количини се поголеми за 13%, но приходите од извозот се намалени за 12,3%. Овој тренд укажува дека македонскиот зеленчук во просек се продавал по пониски цени на странските пазари во однос на лани.
Најзначаен извозен производ и понатаму останува свежата зелка, која учествува со околу 92% од вкупните извезени количини на зеленчук и генерира речиси 80% од вкупните приходи од извоз на зеленчук.
Во првите четири месеци од годинава од земјава биле извезени 54 илјади тони свежа зелка во вредност од 27 милиони евра. Иако количините се зголемени за 14%, вредноста на извозот на зелка е намалена за 16,8%, што повторно укажува на значителен пад на просечната извозна цена на македонската зелка.
Втор најизвезуван зеленчук е доматот. Во периодот јануари–април биле извезени околу од 1.200 тони домати во вредност од 2,4 милиони евра. Извозот на домати бележи раст – вредноста е речиси двојно повисока во однос на истиот период минатата година, додека извезените количини се зголемени за околу 50%.
Покрај зелката и доматите, Македонија во првите четири месеци извезувала и пиперки во вредност од 640 илјади евра, кромид во вредност од 576 илјади евра, како и помали количини други видови свеж и замрзнат зеленчук.
Податоците покажуваат дека, и покрај растот на физичкиот обем на извозот, падот на продажните цени ја намалил вкупната вредност на извозот. Тоа укажува на послаби ценовни услови на странските пазари, особено кај зелката, која и понатаму е најважниот македонски извозен земјоделски производ во овој сегмент.
Полска и Украина најголеми извозни пазари
Македонскиот свеж зеленчук во првите четири месеци од 2026 година бил извезуван на 30 странски пазари, но извоз поголем од 1 милион евра е остварен само на седум пазари, што покажува висока концентрација на продажбата.
Најголеми извозни пазари остануваат Полска и Украина, каде што во последните неколку години се пласира најголемиот дел од македонската зелка.
Во периодот јануари–април, во Полска биле извезени 13.400 тони зеленчук во вредност од 8,9 милиони евра, со што оваа земја останува најголем странски купувач на македонски зеленчук.
На второ место е Украина, каде биле извезени 12.400 тони во вредност од 6,6 милиони евра.
Следуваат Србија со извоз вреден 4,6 милиони евра, Романија со 2,6 милиони евра, Русија со 2 милиони евра, Хрватска со 1,7 милиони евра и Бугарија со 1,5 милиони евра.
Податоците покажуваат дека, и покрај проширувањето на бројот на пазари, македонскиот извоз на зеленчук и натаму е силно концентриран во неколку традиционални дестинации, пред сè во земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа, каде што зелката останува најбараниот македонски земјоделски производ.
Според остварениот извоз во 2024 година, Македонија се рангира како 12-ти најголем извозник на свежа зелка во светот.
ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:
Висока побарувачка и добри цени за доматите и зелката на “Баџо” на европските пазари
Македонија е 12-ти најголем извозник на зелка во светот и најголем во регионот

























