89% од компаниите се соочуваат со недостиг на квалификувана работна сила. 80% од компаниите се соочиле со проблеми во процесот на одобрување или исплата на државната помош. 90% ги зголемиле платите во 2025, во просек за 10,5%. Само 7% се целосно задоволни од Aftercare услугите.
Ова се дел од наодите од најновата анкета Business and Investment Indicator 2025, која денеска ја презентираше Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Р.С.Македонија.
Истражувањето е релевантен показател за состојбите, предизвиците и очекувањата на компаниите со странски капитал во земјата, со оглед дека е направено меѓу 47 компании кои инвестирале над 6,1 милијарди евра, со над 40.000 вработени, што исто така го прави значаен репер за насоките во кои треба да се движат економските политики со цел да се зајакне бизнис климата и да се поттикне понатамошниот инвестициски циклус.

Резултатите од анкетата покажуваат дека 55% од анкетираните компании планираат да продолжат да реинвестираат во земјава, што е зголемување од 13% поени во однос на ланската анкета, 23% одговориле дека не би инвестирале, 9% дека би го намалиле присуството на локалниот пазар. Околу 70% од компаниите во 2025 година имале зголемен обем на работа, дали како резултат на зголемени нарачки, нови проекти или трансфер на производни капацитети од нивните матични или сестрински компании од други локации и земји низ Европа.
Дури 87% од анкетираните компании одговориле дека планираат да го зголемат бројот на вработени, а како главни фактори за инвестирање во земјава ги наведуваат релативно ниските трошоци за производство, поволната бизнис клима, вештините на вработените, ниските даноци и државната помош.

Според Виктор Мизо, претседател на Советот на странски инвеститори истражувањето покажува дека како клучни приоритети на кои треба да се фокусираат власитите следната година се понатамошната хармонизација на царинските тарифи со оние во ЕУ, потоа униформирање на третманот на оправданите инвестициски трошоци, врз основа на кои се доделува и државна помош, потоа исполнување на обврските кон странските инвеститори, потоа подобрувањето на грижата кон инвеститорите (таканаречената афтер кеар), намалувањето на корупцијата и добивањето работни дозволи за странските вработени.

Анкетата ги идентификува и главните ризици за 2026, меѓу кои се раст на трошоците, недостиг на квалификуван кадар, нарушувања во синџирите на снабдување и правна неизвесност.

Недостигот на работна сила голем проблем за идниот економски развој

Како еден од најголемите проблеми продолжува да биде недостигот на работна сила и посебно квалификувана работна сила.
Резултатите од Анкетата покажуваат дека дури 89% од компаниите лани имале проблем со наоѓање на работна сила, вклучително инженери, но и останати помалку квалификуван кадри. Поголемиот дел или 73% од компаниите изјавиле дека се задоволни со ефикасноста и продуктивноста на работниците, а 17% од компаниите веќе почнале да вработуваат работници од странство.
Дури 90% од компаниите лани ги покачите платите на работниците, во просек за 10,5%. За Ѓорѓи Тренкоски, директорот на компанијата “Кромберг и Шуберт”, кој е најголем работодавач во Македонија, последниот податок е доказ дека не се потребни политички и синдикални одлуки за покачување на платата, бидејќи самите компании, под притисокот од недостигот на работна сила, ги зголемуваат платите.

Според резултатите од Анкетата, главните причини за недостигот на работната сила се имиграцијата, феноменот на сезонско вработување, односно вработување на работната сила во други земји во одреден период од годината. Значи, во земјава има недостиг на луѓе кои активно бараат работа. На пример, во Пелагонискиот регион во наредните пет години се очекува бројот на лица на возраст од 61 до 65 години да биде поголем од оние на возраст од 24 до 29 години, односно дека оние кои ќе заминуваат во пензија ќе бидат помногубројни од оние кои ќе бараат работа”, вели Тренкоски. и додава дека ова треба да биде можеби првата тема за која што треба да расправаат надлежните и заедно со компаните да се наоѓаат решенија кои ќе доведат до поголеми вештини на работната сила, подобрување на образовниот систем кој треба да биде повеќе насочен кон потребите на работодавачите, како и професионализација на јавната администрација.

Странските инвеститори исто така посочуваат и на проблемите со одобрувањето и доделувањето на државна помош и недостигот на поддршка за странските инвеститори по инвестирањето. Само 7% од компаниите се целосно задоволни од Aftercare услугите, заради што потенцираат дека е најдобро да постои една точка (one stop) низ која би се водела целата постапка. Пораките од странските компании се дека треба да се подобрат процедурите за одобрување на државна помош, да има брзина, транспарентност, точно да се дефинира што се оправдани инвестициски трошоци, и да постои предвидливост за начинот на кој државната помош се исплаќа. Исто така, се размислува да се предложат и други инструменти за државна помош, кои би биле дополнување на постојните, како на пример, државна помош за задржување на работните места или зголемување на платите.

Сашко Наков, директорот на Амфенол Технолоџис вели дека анкетата покажала дека само 7% од компаниите се целосно задоволни од Aftercare услугите, што е намалување на 16% кои биле задоволни во ланската анкета, “Дури 93% се делумно или целосно незадоволни од услугите и грижата за странските инвеститори по инвестирањето. Затоа  73% од анкетираните компании бараат принцип на “one stop shop,“ односно еден соговорник или локација која ќе се занимава со проблематиката на грижа за странските инвеститори, односно ќе биде задолжена да ги комуницира и координира другите институции во име на странските компании”, вели Наков, кој потенцира дека треба побрзо да се најде решение за овој проблем, бидејќи ќе ја подобри бизнис климата, ќе ја зголеми конкурентноста на земјата како локација за инвестирање, што ќе резултира со повеќе инвестиции.

Според Наков, потребна е почеста и подиректна комуникација помеѓу институциите и странските компании, со цел побрзо да се реагира и да се решаваат проблемите со кои се соочуваат компаниите, но и подигање на професионалните вештини на админстрацијата во институциите кои ќе бидат задолжени за комуникација и поддршка на странските инвеститори.

Воениот конфликт на Блискиот Исток ќе има силно влијание

Анкетата е направена во периодот јануари и февруари пред да започне воениот конфликт во Персискиот залив, па затоа не се вклучени проценките за потенцијални негативни ефекти кои би ги имале компаниите во работењето. Но, странските инвеститори се децидни дека овој конфликт се заканува да има големо негативно влијание врз нивното работење и идните планови, како и врз целото стопанство.

Глобалната криза предизвикана од војната на Блискиот Исток веќе создава силни притисоци врз зголемување на трошоците и снабдувањето, но засега тие не бележат поголемо намалување на нарачките.

Од почетокот на војната на Блискиот Исток, пред неколку недели, транспортните трошоци во контејнерскиот превоз од Кина кон Европа се веќе зголемени за 65 %. Ризикот е значително зголемен и осигурителните компании избегнуваат осигурување на транспортот преку Црвеното Море. Покрај ова, цената на нафтата веќе е значително зголемена, а дури и да дојде до брзо смирување на воените дејства, таа цена веројатно ќе се задржи на повисоко ниво, а може да има и проблеми во снабдувањето, бидејќи многу енергетски производни капацитети се оштетени или уништени во воените дејства”, објаснува Мизо.

Според него, во идниот период можат да се појават недостиг или проблеми во снабдувањето со многу клучни ресурси што може да ги зголеми производните трошоци и цените.
Веќе се очекуваат недостиг и проблеми во редовното снабдување со керозин, што би го поскапело воздушниот товарен транспорт, недстиг и поскапување на алуминиумот, пластичните маси кои се добиваат од нафтата, вештачките ѓубрива, кои наоѓаат примена во многу индустрии.

Сè уште немаме видливо директно намалување, иако на неделно ниво понекогаш постојат мали флуктуации на нарачките. Драстично намалување сè уште не постои бидејќи има несигурност и сите чекаат да видат што ќе се случи. Ситуацијата е флуидна, но не можам да кажам директно дали и во колкав обем ќе има влијание со нашите клиенти“, изјави Мизо, кој потенцира дека кризата ги погодува сите, без разлика каде се лоцирани .
Она што треба да се направи е да се искористи моментот и да се најдат можности да се биде поконкурентен од другите земји и сестринските фирми кои работат во други земји“, додава Мизо.