Како македонските компании можат да ја зајакнат својата конкурентност и успешно да се позиционираат на меѓународните пазари? Кои се клучните можности и предизвици за извозот и како локалниот бизнис може да направи чекор кон глобален успех?
Ова се само дел од прашањата кои ќе бидат во фокусот на стратешкиот панел „Извозна конкурентност: од локално до глобално“, кој ќе се одржи на 27 октомври во хотел Мериот во Скопје, во рамки на Global Trade & Growth Forum 2026.

Форумот Global Trade & Growth се одржува за прв пат во Македонија, во организација на Швајцарската комора на Северна Македонија Swisscham и ќе се одржи во хотелот „Мериот“ во Скопје. Форумот се организира во стратешко партнерство со меѓународната транспортна и логистичка компанија Mediterranean Shipping Company (MSC) и со поддршка на Швајцарија, преку Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) и Државниот секретаријат за економски прашања (SECO), со придонес на програмите IME, SIPPO и SwissEP.

На панелот ќе учествуваат :

  • Кристоф Гејтер (Christophe Gaither) – британски претприемач и коосновач на Quendoo;
  • Љупчо Велески – директор на интернационална продажба во „Витаминка“;
  • Неџат Курт – генерален директор на ТАВ Македонија.

Модератор на дискусијата ќе биде Горан Дамовски, тим-лидер на Програмата за пазарна вработливост IME, финансирана од Швајцарија во Северна Македонија.

Порталот ИзвозМК како медиумски партнер на Global Trade & Growth Forum 2026, ќе обезбеди детално медиумско покривање на настанот, пренесувајќи ги клучните пораки, ставови и заклучоци од дискусиите, со посебен фокус на извозната конкурентност и можностите за раст на македонските компании на меѓународните пазари.

Во услови на зголемена глобална конкуренција, промени во меѓународните синџири на снабдување и сè поголеми барања на странските пазари, извозната конкурентност станува едно од клучните прашања за растот и развојот на македонските компании.

На панелот ќе се разговара за можностите и предизвиците со кои се соочуваат домашните бизниси при настапот на меѓународните пазари, како и за стратегиите што можат да им помогнат да го прошират своето присуство надвор од Македонија.

Посебен акцент ќе биде ставен на интернационализацијата на бизнисите, искуствата од освојувањето странски пазари и факторите што ја определуваат конкурентноста на компаниите во глобалната економија.

Во услови на зголемена глобална конкуренција и промени во меѓународните синџири на снабдување, пристапот до нови пазари, ефикасната логистика и препознатливоста на производите стануваат сè поважни за растот на македонските компании. Токму затоа, форумот ќе поврзе над 200 претставници на домашната и меѓународната деловна заедница, инвеститори, извозници, носители на одлуки, дипломатски претставници и експерти од земјата и поширокиот регион.

Преку оваа иницијатива, SwissCham ја зајакнува својата улога како платформа за поврзување на македонската економија со меѓународните пазари, деловните мрежи и швајцарското искуство, со цел создавање нови можности за трговија, инвестиции и долгорочни партнерства.

„Нашата амбиција е Global Trade & Growth Forum да прерасне во платформа која ќе отвора конкретни можности за македонските компании – од подобра логистичка поврзаност до пристап до меѓународни пазари и нови деловни партнерства. Преку SwissCham сакаме да го приближиме швајцарското и меѓународното искуство до потребите на домашниот бизнис-сектор и да придонесеме кон зајакнување на конкурентноста на македонската економија“, изјави Соња Стефановска, претседател на SwissCham North Macedonia.

Деталната програма, информациите за говорниците и можностите за регистрација се достапни на: https://gtgforum.swisscham-mk.com/

ПОВРЗАНИ ОБЈАВИ:

MSC Северна Македонија стратешки партнер на “Глобалниот форум за трговија и раст 2026”

SwissCham North Macedonia го најавува првиот Global Trade & Growth Forum 2026: Поврзување на македонските компании со глобалните пазари