Компанијата Нелкоски Органик Фуд свечено го отвори SMART Nursery – првиот паметен расадник и аналитичко-истражувачки центар од ваков вид во Република Северна Македонија, претставувајќи значаен чекор кон дигитализација, модернизација и научно заснован развој на домашното земјоделство.
Проектот е реализиран со поддршка на Increasing Market Employability (IME), финансирана од Амбасадата на Швајцарија во Северна Македонија, во партнерство со HALBA Coop Switzerland, Првата Био Кооператива и Здружението на одгледувачи на лешник „Еко Лешник“.

SMART Nursery претставува современ центар во кој се интегрирани вештачка интелигенција, дигитални технологии, автоматизирано следење на растенијата и аналитички системи за собирање и обработка на податоци. Целта е развој на нови, поквалитетни и поотпорни сорти, подобро прилагодени на климатските промени и современите предизвици во земјоделството.
Настанот го отвори директорот на Нелкоски Органик Фуд, Бошко Нелкоски, кој ја претстави визијата зад проектот и неговите главни компоненти: воспоставување на SMART Nursery, формирање демонстративен насад за следење на нови генетски материјали, воведување современи технологии за анализа и мониторинг, како и континуирана едукација и трансфер на знаење кон земјоделските производители.
„Овој проект не е само инвестиција во инфраструктура, туку инвестиција во знаење, истражување и иднината на македонското земјоделство. Нашата цел е SMART Nursery да стане центар каде што науката, технологијата и практичното производство ќе работат заедно во корист на земјоделците и развојот на нови, поотпорни сорти,“ истакна Нелкоски.
Во своето обраќање, претставничката на IME Programme, Габриела Мицевска, се осврна на осумгодишното успешно партнерство со Нелкоски Органик Фуд, нагласувајќи дека континуираната поддршка на иновативни компании создава долгорочни позитивни ефекти врз развојот на македонската економија и земјоделството.

Заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Албрим Хоџа истакна дека ваквите инвестиции претставуваат пример за идниот развој на земјоделството во државата.
„Современото земјоделство повеќе не може да се развива без технологија, истражување и соработка помеѓу институциите, науката и приватниот сектор. SMART Nursery е пример како иновациите можат да создадат конкретни решенија за земјоделците и да придонесат за поголема конкурентност на македонското производство,“ нагласи заменик-министерот.

Во техничкиот дел од програмата, проф. д-р Анис Сефиданис ја претстави архитектурата на системот, интеграцијата на вештачката интелигенција и можностите за анализа на податоци, следење на развојот на садниот материјал и предвидување на производствените процеси. Присутните имаа можност да го посетат центарот и практично да се запознаат со функционирањето на системот и неговите аналитички алатки.
SMART Nursery е дел од поширок проект насочен кон развој на одржливо и паметно земјоделство, кој покрај воспоставувањето на аналитичко-истражувачкиот центар опфаќа и демонстративни насади, воведување нов генетски материјал, тестирање на современи производствени технологии и организирање едукативни активности за земјоделците.
Настанот собра претставници на институции, меѓународни организации, универзитети, научната заедница, земјоделци и компании од агросекторот, кои имаа можност да разменат искуства и идеи за идниот развој на дигиталното земјоделство.


Свеченото отворање заврши со Agro Party, организирана како неформално дружење и благодарност до сите производители, партнери и пријатели кои со својата поддршка придонесуваат за развојот на современото органско земјоделство во Македонија.
Со отворањето на SMART Nursery, Македонија добива нов центар за истражување, иновации и развој, кој има потенцијал да стане регионален пример за примена на вештачката интелигенција и дигиталните технологии во земјоделството и создавање поконкурентно, поодржливо и поотпорно производство.


























