Цените на природниот гас во Европа имаат најголем скок изминатата недела откако Русија ја започна својата војна против Украина, како резултат на острото намалување на испораките на гас од Русија кон земјите од Европската унија.
Цените на продолжија да растат од остриот прекин на снабдувањето од Русија. Референтната цена на природниот гас во Европа, холандскиот TTF, вчера достигна речиси 150 евра (158 долари) за мегават/час пред да падне на 134 евра во попладневните часови денеска. Колку за споредба, во понеделникот на 13 јуни цените на фјучерсите на холандскиот TTF се тргуваа по 83 евра за мегават/час.
Руската компанија Гаспром во средата соопшти дека протокот преку гасоводот Северен тек кон Германија е намален за речиси 60%. Италија и Словачка објавија дека добиваат помалку од половина од вообичаените волумени преку гасоводот Нордстрим 1, кој го минува Балтичкото Море од Русија до Германија и сочинува околу 40% од протокот на рускиот гасовод до Европската унија. Франција објави дека не добива руски гас од Германија од 15 јуни.
Со тоа, протоците низ гасоводот Северен тек – најголемата врска од Русија до Европската унија – се намалени за околу 60%.
Потегот на Москва да го намали извозот на природен гас во Европа ја доведува енергетската криза на континентот во нова опасна фаза, која се заканува да ги намали виталните резерви на гас пред претстојната зима и да предизвика големи проблеми во функциоинрањето на европската економија.
Алексеј Милер, главниот извршен директор на Гаспром, државната компанија со монопол на извозот на руски гас преку гасоводот, рече дека санкциите на Западот го оневозможуваат обезбедувањето на потребната опрема од Сименс која треба да се испорача од Канада.
Италијанскиот премиер Марио Драги рече дека тврдењата на Москва дека намалувањата не се намерни, туку поради технички пропусти се „лаги“. Германија ја обвини Русија дека се обидува да ја зголеми цената на гасот додека владата ги повика граѓаните да ја ограничат потрошувачката.
Регионот со месеци стравуваше дека ќе дојде до кратења и гледаше на алтернативно снабдување. Додека увозот на течен природен гас помогна да се премости секој недостиг и, исто така, да се пополнат складиштата навреме за следната зима, прекинот во фабриката за ЛНГ во Тексас, исто така, го намали снабдувањето од САД.
Германската групација за електроенергетска индустрија во петокот рече дека помалите количини сега може да се заменат со други извори, како од Норвешка и Холандија, но падот е „загрижувачки“ поради потенцијалното влијание што може да го има врз снабдувањето во текот на зимските месеци.
„Газпром“ соопшти дека извозот во земјите кои не припаѓаат на поранешниот Советски Сојуз е намален за 28,9% меѓу 1 јануари и 15 јуни во споредба со истиот период минатата година.