Албанската Влада денеска одлучи да ги укине царините за стоки со потекло од С. Македонија, Србија и од  Косово, кои минуваат преку албанските гранични премини, пренесува Јуроњуз Албанија.

Како што се наведува во извештајот, оваа одлука е донесена врз основа на решеноста на земјата да учествува во иницијативата Отворен Балкан и одлучната помош што земјите-членки мора да си ја пружат меѓусебно во кризата на високите цени.

Се додава дека Албанија во оваа одлука го вклучила Косово, иако не е дел од Отворениот Балкан, врз основа на договорот за меѓусебно отстранување на царинските бариери.

Нема да се наплаќаат такси за паркирање возила, печатирање и мерење на стока, па трошокот за камион што ќе влезе со стока во Албанија ќе биде за околу 14 евра помалку од досега.

Сепак, во соопштението од албанските власти не се посочува за кои царини се мисли конкретно, бидејќи Албанија, С.Македонија, Србија и Косово сите заедно се членки на регионалниот договор за слободна трговија ЦЕФТА, каде и досегаа ја имаа можноста да тргуваат меѓу себе без царина, освен за одредени производи, како на пример земјоделски производи и други стоки кои се важни за домашната економија, Главна пречка за слободната трговија во регионот и досега беа нецаринските бариери и административните дозволи и одобренија.