Фармацевтската компанија Алкалоид објави дека во првите три месеци годинава работела со вкупни консолидирани приходи од 60 милиони евра кои во споредба со остварените приходи во истиот период во 2021 година бележат пораст од 10%.
Приходите остварени од продажба на производи и услуги учествуваат со 98% во вкупните консолидирани приходи и тие се зголемени за 11% во споредба со истиот период лани.
Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 58,9 милиони евра (3.623.625.996 денари, што е за 11 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 9%, а вкупниот консолидиран извоз на компанијата е зголемен за 12 %.
Од вкупните консолидирани продажби, 67% се остварени на странските пазари. Најголем пораст кај извозните пазари бележат продажбите остварени во Германија (раст од 146 %), Полска (раст од 114 %), Романија (раст од 102 %), Бугарија (раст од 69 %), САД (раст од 51 %), Албанија (раст од 24 %), Црна Гора (раст од 15 %), Косово (раст од 11 %), БиХ (раст од 8 %), Србија (раст од 7 %) итн.
Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 34 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 23 %, во Русија и во другите земји од ЗНД се остварени 9 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 89 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со удел од 24 %, препаратите ОТЦ со 20 %, кардиолошките препарати со 15 %, невролошките препарати заземаат 12 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 11 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемијата учествува со 3 %, козметиката со 6 %, а билкарството учествува со 2 %.
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – март 2022 година продажбите достигнуваат 2.696.313.187 денари, што е за 12 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Вкупните консолидирани вкупни расходи на Алкалоид за периодот јануари-март 2022 година изнесувале 53,7 милиони евра и во споредба со остварените во истиот период во 2021 година бележат пораст од 10%.
Остварената консолидирана нето-добивка во 2022 година изнесува близу 5,9 милиони евра (361.453 илјади денари) и во споредба со остварената во 2021 година бележи зголемување за 4%.
Компанијата објави дека вкупните инвестиции во основни средства во првите три месеци годинава изнесуваат 3,55 милиони евра (218.577 илјади денари) и се за 22% поголеми во споредба со инвестициите во истиот период во 2021 година.
Во првите три месеци годинава во Алкалоид се реализирани 99 нови вработувања во Р.С.Македонија, со што групацијата Алкалоид брои 2.619 вработени, од кои 2.015 се во базата во Скопје, а 604 се вработени во подружниците во странство. Со одлука на Управниот одбор на Алкалоид Скопје, во март 2022 година е одобрен и исплатен регрес за користење годишен одмор за вработените во компанијата во висина од нето износ од 30.000 денари.
Од Алкалоид информираат дека при извршувањето на оперативните активности компанијата ангажирала над 1.000 домашни добавувачи.
Очекувања за 2022
Според бизнис-планот на компанијата за 2022 година, компанијата предвидува инвестирање на околу 14% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 8% на консолидираните продажби во однос на 2021 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочување во однос на 2021 година.
“Во изминатиот период друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици, генерирани од пандемијата на КОВИД-19. Презедовме голем број мерки во досегашниот период, со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози здравјето на вработените и успешното работење на друштвото. Во согласност со очекувањата, уште во текот на минатата година здравствената криза се претвори и во економска, а со тоа се појавија и нови предизвици во работењето. Она што како тренд започна во 2021 година, а ќе доминира и во 2022 година, е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали, енергенсите, како и порастот на цените на транспортот на глобално ниво, а особено и значителните пролонгирања на роковите за испорака. Сето ова веќе започна да влијае и на стапката на инфлацијата што веројатно како тренд ќе биде уште понагласен во периодот што следи”, велат од Алкалоид.
Од компанијата велат дека земајќи го предвид конфликтот помеѓу Русија и Украина, започувајќи од 24 февруари 2022 година, ги превземале сите неопходни мерки за заштита на инвеститорите, купувачите и вработените обезбедувајќи им сигурни услови.
“Како најголем предизвик и прв приоритет за периодот што доаѓа и понатаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност, на финансиската стабилност и остварување на планските цели”, велат од Алкалоид.